1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либералите победија на изборите во Либија

Конечните резултати од првите парламентарни избори во Либија, објавени синоќа (17.07), покажуваат победа на секуларниот, либерален сојуз предводен од поранешниот премиер Махмуд Џибрил.

Либералната коалиција однесе победа на изборите во Либија, први по уривањето од власт на диктаторот Моамер Гадафи, иако се‘ уште не е докрај извесно кој ќе доминира во новоформираниот Конгрес.

Алијансата на националните сили (НФА), либерална коалиција предводена од поранешниот премиер Махмуд Џибрил, добила 39 од 80 места во парламентот за кои се гласаше на изборите кои се одржаа на 7 јули.

Партијата на правдата и изградбата, која беше формирана од исламистичкото Муслиманско братство, освои само 17 места. Остатокот од пратеничките места го поделија помали партии. Сепак, сликата за либискиот парламент се‘ уште не е комплетирана, бидејќи според компликуваниот изборен систем, за поделба остануваат уште 120 пратенички места кои ќе одат кај независни, индивидуални кандидати.

Двете водечки партии, либералите и исламистите во моментот се обидуваат да привлечат што поголем број независни пратеници и помали партии за да обезбедат мнозинство во Конгресот, каде за сите позначајни одлуки во иднина ќе се бара двотретинско мнозинство.

Доколку либералите сепак успеат да обезбедат мнозинство, Либија ќе стане прва земја во арапскиот свет во која по револуцијата на власт не дошло исламистичко движење, како што беше случај во Тунис и Египет.

Libyen Ministerpräsident Mahmud Dschibril in Tripolis

Махмуд Џибрил ги повика сите партии на национален дијалог

Либералната коалиција обединува повеќе од 60 политички партии и независни личности, поголемиот дел технократи кои се вратиле од западните земји, и кои заговараат умерен ислам, економска либерализација и отвореност кон Западот. Лидерот на коалицијата, Махмуд Џибрил, кој застана на чело на барањата на револуционерите за меѓународна помош, ги повика сите партии на национален дијалог во обид да формира што е можно поширока коалиција.

Но и Мохамед Саван, лидерот на исламистичката партија, искажа увереност дека ќе успее да привлече голем дел од независните пратеници.

Најмалку 30 жени досега обезбедија пратеничко место, благодарение на системот кој ги обврза партиите да обезбедат рамноправна полова застапеност на листите, и тоа по принципот „еден маж-една жена“.

Резултатите од првите парламентарни избори во Либија по четиридецениската диктатура беа објавени 10 дена по гласањето, кое беше поздравено од светските лидери. Беше организирана голема церемонија на која присуствуваа водечките либиски политичари, како и странски дипломати.

Задача на новиот парламент ќе биде да именува нова привремена влада и да ја води државата низ едногодишниот транзициски период, се до одржувањето на нови избори следната година врз база на новиот Устав. Излезноста на изборите, според изборната комисија, била околу 62 отсто.

Поврзана содржина