1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либан избра претседател

Во Либан заврши 18 месечната криза во функционирањето на државата. Либанскиот парламент вчера во Бејрут го избра командантот на армијата Мишел Сулејман за нов претседател на земјата.

default

Сулејман е новиот шеф на државата

Првата седница на либанскиот парламент по годинаипол започна со мини скандал: повеќемина пратеници побараа најпрво да биде променет уставот, зашто инаку не е можен изборот на Мишел Сулејман за нов претседател. Зашто, Сулејман до вчера беше шеф на армијата, а уставот предвидува оној кој се кандидира за функцијата претседател на државата две години претходно да не биде во државна служба.

Но, претседателот на парламентот Набих Бери ја прескокна оваа пречка, зашто едноставно е преголема желбата за нов почеток во Либан.

Новиот претседател Сулејман ја положи заклетвата.


Голема коалиција


Претседателот на Парламентот Бери седницата ја изведе како акт на помирување. И претставниците на некои странски земји, кои на некој начин се замешани во случувањата во Либан, допатуваа за да присуствуваат на седницата. Беа присустни министерот за надворешни работи од Саудиска Арабија, Франција, Сирија и Иран. Од името на ЕУ присуствуваше високиот претставник Хавиер Солана. Почесни гости беа емирот и премиерот на Катар, кои посредуваа во надминувањето на државната криза во Либан.

Со изборот на нов претседател, владата во Либан автоматски се повлече. Како што беше договорено во Катар, двата политичка табора сега формираа голема коалиција. Хезболах и неговите приврзеници имаат предност со правото на вето во кабинетот, тоа го бараа уште од почетокот на кризата во есента 2006 година.


Кој ќе биде премиер


Досегашниот премиер, Фуад Синиора е веќе уморен и не сака повторно да биде на функцијата. Во интервју тој последниве денови рече дека е време за промена. Можно е новиот претседател Мишел Сулејман мандатот за состав на влада да му го довери на Саад ал Харири, шеф на најголемата парламентарна група и син на поранешниот премиер Рафик ал Харири, убиен во 2005 година. Либанскиот печат шпекулира дека Фуад Синиора можеби сепак нема да се повлече, зашто следниот кабинет е повеќе преоден, со оглед на тоа штоследната година ќе има парламентарни избори.

Очекувањата на Либанците од новиот претседател се огромни. Сулејман е првиот шеф на државата кој е избран по повлекувањето на Сирија во 2005 година. Тој профитира од добриот углед на армијата, во која Либанците гледаат институција која стои над политиката и ја обединува земјата.