1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либан – една година по војната

На денешен 12-ти јули пред една година почна Либанската војна. Траеше 34 дена и однесе најмалку 1.200 жртви на либанска и 160 на израелска страна. Земјата се‘ уште не се опоравила од воената катастрофа.

default

Урнатини во јужниот дел на Бејрут по бомбардирање на израелските авиони

Рано изутрина на 12-ти јули единица на радикалното движење Хизболах го напушти селото Аита ел Шаат на крајниот југ на Либан. На само неколку стотини метри оддалеченост се наоѓа границата со Израел, што тие ја минаа и нападнаа патрола на израелската армија. При тоа убија 8 војници, а двајца заробија. На пладне шефот на Хизболах Хасан Насрала на прес конференција во Бејрут порача:

“Целта на киднапирањето на двајцата израелски војници утринава во 9 часот е едноставно размена на заробеници. Не сакаме ескалација на ситуацијата во Јужен Либан. Не сакаме да го втурнеме Либан во војна.“

Војната меѓутоа почна веднаш. Во тие околу месец дена инфраструктурата на Либан беше темелно разурната, особено на југот, каде се најсилните упоришта на Хизболах милицијата. Вистинска обнова и остранување на штетите до дене денес нема. Ако негде некој нешто и работи, тогаш станува збор за нужни поправки на инфраструктурата. Од општата економска катастрофа по војната најмногу е погоден туризмот.

“Оваа сезона е катастрофа. Нашиот хотел би требало во овој дел од годината да биде полн, но ние успеавме да изнајмиме максимум 10% од капацитетите. Сите мислат само на тоа како да си заминат од овде, вклучувајќи ме и мене...“ - вели менаџерот на Ривиера хотелот во Бејрут, Калед ал Кури.

Според податоците на професорот Камал Хамдан, речиси секој трет Либанец сака да си замине:

“Вкупното расположение за напуштање на земјата расте драматично и тоа не само меѓу младите луѓе, кои овде не можат да најдат работа. Ова се однесува и на претпријатијата од средната и повисоката класа, кои гледаат дека нивните инвестиции во Либан се изложени на голем ризик.“

Ни политиката не функционира. Претседателот на државата Емил Лахуд, кој е просириски настроен, ја блокира успешно работата на владата под премиерот Фуад Синиора. Претседателот на парламентот, кој е по потекло шиит практично го затвори претставничкиот дом. Политика се води само уште со масовни демонстрации на улица, но не низ институциите на системот.

Загора на тоа во земјата се инфилтрираа и терористички ќелии на групи сродни со Ал Каеда. Тие се посебно добро застапени на северот на земјата, а како главна цел го декларираат претворањето на Либан во “божја држава“ со владеење на исламското право. Во палестинскиот камп за бегалци Нар ел Баред, во близината на Триполи, со недели водеа борби припадници на армијата и на една екстремистичка група.

Професорот по политички науки Хилал Кашан не гледа светли перспективи за иднината:

“Нема победници од војната. Ако замре политичкиот и економскиот живот во земјата, ако сите религиозни групи се скарани меѓусебно, кој е тука победник!? Тие што Хизболах милицијата ја сметаат за победик на војната се лажат. И нејзините припадници се под огромен притисок, нидејќи одиграа важна улога во сегашната криза. Јас сум уверен дека застојот во земјата нема да може да биде надминат се‘ додека Хизболах не го положи оружјето!“