Либан денеска тагува по Жемаел | Свет | DW | 23.11.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либан денеска тагува по Жемаел

Денеска во Либан ќе биде погребан убиениот министер за индустрија Пјер Жемаел. Покрај бројните осуди од странство за атентатот врз овој виден претставник на христијанската заедница во Либан, убиството ги разбранува страстите и во тамошната јавност.

Илјадници му одаваат почит на загинатиот министер Пјер Жемаел

Илјадници му одаваат почит на загинатиот министер Пјер Жемаел

Политичкиот табор на Жемаел ги повика граѓаните на Либан масовно да дојдат на погребот и со тоа да упатат политички сигнал во поддршка на актуелната влада на премиерот Фуад Сињора. Експертите стравуваат од гнев и немири, па дури и почеток на нова граѓанска војна во Либан. Бјерн Блашке известува од Бејрут.

Погребната церемонија што почнува претпладнево би можела да се претвори во голема демонстрација на поддршка за владата на премиерот Фуад Сињора. Одзивот во либанската јавност е голем, што се гледа и од огромниот број гости што вчера вечер дојдоа во родната куќа на загинатиот министер за индустрија Пјер Жемаел во градот Бикфаја. Таму синоќа беа пренесени и посмртните останки, при што маса луѓе го следеа ковчегот од време на време стрелајќи салви во воздух. Насобраните пееја и песни во чест на Жемаел, но скандираа исто така пароли против Сирија. Раководството во Дамаск е на мета на обвинувањата дека се крие и зад ова убиство на висок владин функционер во соседен Либан. Од февруари минатата година во атентати слични на оној врз Пјер Жемаел животот го загубија десетина приврзаници на анти-сирискиот табор, од кои петмина угледни политичари и интелектуалци – меѓу нив и поранешниот либански премиер Рафик Харири. Иако официјални докази за вмешаноста на Дамаск нема, лидерот на либанските Друзи, Валид Џумблат обвинува:

“Го обвинувам сирискиот режим, затоа што тој не сака да види како либанскиот народ живее слободно, независно, безбедно и во благосостојба.“

Она што им беше заедничко на сите жртви на атентатите е тоа што беа остри критичари на сирискиот режим. Во едно соопштение на анти-сирискиот партиски сојуз се бара соборување на сириско-либанскиот режим на тајните служби. Индиректно при тоа прстот е вперен во претесдателот на државата Емил Лахуд, кој во либанската јавност се смета за продолжена рака на Сирија. Врз него дури се надвива сомнежот за вмешаност во атентатот врз поранешниот премиер Рафик Харири. Специјалните пратеници на ОН за испитување на овој политички атентат ги бараат виновниците токму во опкружувањето на Лахуд и на сирискиот претседател Башар ел Асад. Но, пред Трибуналот на Светската организација да почне да работи неоходно е согласност да дадат либанскиот парламент, владата и претедателот на државата. И токму околу тоа се кршат копјата во либанската политика. Минатата недела шестмина министри од про-сирискиот табор на шиитите го напуштија кабинетот на Сињора, токму затоа што се против Трибуналот на ОН. Со убиството на Жемаел се намали бројот на министри во владата кои го поддржуваат Трибуналот и доколку би настрадал уште еден тогаш владата би загубила една третина од членовите и бо морала формално да поднесе оставка. Тоа би им одело токму од рака на про-сириските сили.

Сириското раководство во меѓувреме го осуди убиството на Жемаел, истовремено нагласувајќи дека на Дамаск не му е од интерес да има нестабилен сосед.