1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Летни митови: топол пијалок или леден освежувач?

Урбан мит или научен факт: дали конзумирањето на топол пијалок во жешките летни денови навистина го освежува организмот? Научниците се согласни во едно - потењето го лади организмот.

Доколку сте еден од милионите кои би избрале ладен џус наместо топла шолја кафе или чај на големите летни жештини, размислете повторно. Научниците велат дека вашиот организам повеќе ќе го олади топлиот напиток.

Според професорот Питер МекНотон, невролог од Универзитетот во Кембриџ, конзумирањето на топли напитоци, како чај или топла вода, ќе ја зголеми температурата на вашето тело, и како резултат на тоа повеќе ќе се потите.

Нервите во вашата уста и во горниот дигестивен тракт го стимулираат вашиот мозок да продуцира повеќе пот, а со нејзиното испарување, вашиот организам се лади.

Водата испарува од кожата многу брзо, а кога тоа ќе се случи, вашиот организам се лади, вели МекНотон.

„Потењето ќе започне, или ќе се засили, доколку организмот е веќе врел. И додека луѓето се чувствуваат потопло додека го конзумираат топлиот напиток, ќе се чувствуваат поладно кога ќе почнат да се потат“, вели доктор Кристофер Гордон, професор на Универзитетот во Сиднеј.

Затоа, наместо студен пијалок, земете шолја чај, препорачуваат експертите. И не само тоа.

„Јадете и жешка храна, по можност и лута, затоа што активните состојки на лутите пиперчиња - капсаицин, делуваат на истите рецептори во мозокот кои продуцираат пот“, вели МекНотон.

Луто пиперче за најбрзо ладење

Infografik Warum ein heißer Tee abkühlt Englisch

Графички приказ на ладењето на телото (Инфографика, англиски јазик)

Гордон вели дека не е случајно тоа што многу луѓе кои живеат во тропски услови, во Азија, Индија или Јужна Америка јадат повеќе зачинета и лута храна, наместо освежителна, како лубеници и замрзнати овошја.

Ние кои живееме во постудените делови од светот, налето одбираме освежителни и студени пијалоци и храна, но екстремно студените пијалоци ги затегаат крвните садови и прават да се чувствуваме многу потопло, наместо постудено.

„Студените пијалоци ве ладат само привремено, затоа што волуменот на студениот пијалок е далеку помал во споредба со вашето тело, и затоа ефектот на ладење исчезнува многу брзо“, вели МекНотон.

Експертот советува дека најдобриот начин да се оладите во жешките летни месеци е да ставите мокра крпа околу главата или да се оладите во некој базен. Сепак, најважно од се' е да пиете многу течности, „затоа што тие ви даваат материјал преку кој се продуцира пот, а тоа е најважно за намалување на температурата на телото“.