1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Лета треба да ја состави новата италијанска влада

Енрико Лета, заменик шеф на Демократската партија и поранешен министер, треба да ја извлече Италија од политичката пат-позиција. Тој доби задача да состави нова влада.

Италијанскиот претседател Џорџо Наполитано на Енрико Лета (на фотографијата) му ја даде задачата да состави нова влада во земјата која е во криза. Социјалдемократскиот политичар Лета неодамна ја потврди подготвеноста на својата партија за составување голема коалиција, опција што ја фаворизира Наполитано. Тоа би можело да значи ренесанса на конзервативната партија на Силвио Берлускони - ПДЛ.

Критика за европскиот курс на штедење

Лета очекува тешки преговори. Тој по номинацијата изјави дека нема да состави „влада по секоја цена“. Политичките сили сега би морале да ја вратат веродостојноста. Лета, по средбата со Наполитано, ја нападна европската политика на штедење, за што најчесто како одговорна се посочува германската канцеларка Ангела Меркел. Тоа „не е доволно“, изјави тој. „Насоката на европската политика мора да се промени.“

Лета веќе има владино искуство. Тој во 1998 година стана министер за европски прашања во владата на Масимо Д‘Алема. Една година подоцна го презеде ресорот индустрија. Во 2004 година беше избран за европратеник, а во 2006 година имаше висока функција во владата на Романо Проди.

Италија од парламентарните избори на крајот на февруари е во политичка пат-позиција, поради тоа што ниту една партија нема доволно големо мнозинство за составување влада.