1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Лесно или мачно добиен кандидатски статус?

Германските дневни весници со различни коментари ја проследија препораката на министерскиот Совет на ЕУ за доделување на Србија на статусот на кандидат за членство во Унијата.

„Србија би сакала во ЕУ но најдраго со северот на Косово“, пишува весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг:

„Токму Германија во изминатите години стоеше на патот на Србија до кандидатскиот статус иако Белград ги израчи сите хашки бегалци. Причина за германското спротиставување беше граничниот спор со Косово... Но она што беше побарано е направено. Иако во компромисот околу претставувањето на Косово на регионалните собири, постои и ѕвездичка со фуснота, подготвеноста на Белград за компримис за Брисел беше пресудна и доволна во оваа фаза на многу долгиот процес на патот кон ЕУ. Но паролата дека Србија никогаш нема да го признае Косово останува. Во заднината всушност се крие ’проектот на поделба’, иако српскиот претседател Борис Тадиќ неодамна изјави дека поделбата на Косово не е во игра, бидејќи за таа опција нема доволно меѓународна поддршка“ , пишува ФАЦ.

„Препораката за давање кандидатски статус е дадена, а последиците на таквата политика се поразувачки за Косово“, наведува пак во својот коментар весникот Зидојче Цајтунг и образложува зошто:

„Радоста во Србија и голема . На патот кон ЕУ раководството во Белград прославува победа во оваа рунда. Речиси 20 години од опсадата на Сараево и 13 години од војната на Косово, Србија би требало да добие статус на кандидат за членство во ЕУ, додека Босна и Херцеговина и Косово и натаму се настрана. Тоа е момент за размислување. Политиката на застрашување на претседателот на Србија, Борис Тадиќ, вроди со плод. Доколку Брисел не му ги отвори на Белград вратите на патот кон ЕУ, граѓаните на Србија на наредните избори ќе ги поддржат националистите, кои заговараат политички и економски сојуз со Русија. Таква политика во Брисел проаѓа со години на назад. ЕУ на Србија не би требало така лесно да и‘ го доделува кандидатскиот статус. И натаму е нејасно дали Србија ќе го примени она што е договорено со соседно Косово. Заедничката контрола на границите е илузија.

Србија и натаму ќе ја саботира работата на мисијата на ЕУ на Косово. Финансиски ќе ги поддржува паралелните интитуции, ќе организира избори и ќе ги насочува припадниците на тајните служби против граѓаните кои соработуваат со косовските власти. ЕУ овие проблеми не ги има решено, туку само ја прикрива вистинската состојба на теренот“, гласи дел од коментарот на Зидојче Цајтунг.

И весникот Јунге Велт од Берлин се занимава со препораката за давање кандидатски статус на Србија:

„Лидерите на ЕУ на чело со канцеларката Ангела Меркел, на политичарите во Србија не им ја олеснуваат работата. Меѓутоа Косово според српскиот устав и натаму е во составот на оваа земја. Но тоа не говори за капитулација на српските власти. Компромисот евентуално би можел да биде во тоа да се натераат косовските Срби да го прифатат она што на косовските Албанци не им претставува проблем: да се повлечат од државата , ако не ја сметаат за своја. Но ЕУ не беше подготвена за такво нешто. За прием е неопходно да се клекне на колена“, пишува Јунге Велт.

Извори: ФЦЦ/ СЦ/ НВ

Превод: Јаков Леон/Симе Недевски

Редактор: Ж. Ацеска