1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Ледено доба“ во односите меѓу САД и Пакистан

Блискиот сојузник на САД, Пакистан, уште не може да го „свари“ убиството на Осама бин Ладен на негова територија и без негово знаење. Ситуацијата се комплицира со замрзнувањето на воената помош од САД.

default

Шефицата на Стејт департментот, Хилари Клинтон и пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани

Односите меѓу САД и Пакистан се најдоа во криза по убиството на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен. Пакистанските сили за безбедност и политичарите беа навредени од фактот што специјалците на сојузникот од другата страна на океанот дури не ги информираа за тајната операција на нивна територија, а камоли да ги прашаат за дозвола или поддршка. Вашингтон, пак, ги обвинува пакистанските власти, особено делови од моќните тајни служби, дека не само што не се борат доволно ефикасно против Ал Каеда и талибанците во сопствената земја, за што добиваат голема финансиска помош, туку дури и дека тајно ги поддржуваат. Поради тоа Вашингтон во неделата ја замрзна воената помош за Пакистан.

Битка за срцата и главите

Западните сили уште не се откажале од намерата сепак да ги придобијат срцата на граѓаните на Авганистан, каде со години водат борба против исламиските екстремисти. Притоа се чини дека борбата за срцата на луѓето во соседен Пакистан веќе одамна е изгубена.

Mike Mullen

Началникот на американскиот Генералштаб, Мајк Мулен

„САД се одговорни за сите проблеми кај во нас во регионот. Ако сакаат да ги подобрат односите со Пакистан, тогаш треба да се однесуваат кон нас како кон рамноправен партнер. Во спротивно состојбата нема да се подобри“, вели еден граѓанин на Исламабад.

Според анкетата на јавното мнение што ја спроведе германската фондација „Конрад Аденауер“, граѓаните на Пакистан ги сметаат САД за поголема опасност за нивната земја, отколку терористите. Секако дека во таква ситуација е логично прашањето на Американците: зошто да трошиме толкави милијарди за ваква земја? Но, замрзнувањето на воената помош за Пакистан барем засега не ги подобри односите меѓу двете земји, туку напротив - уште повеќе ги влоши. Кога згора на се’ шефот на американскиот генералштаб, адмиралот Мајк Мулен, ја обвини пакистанската влада дека е одговорна за измачувањето и убиството на еден новинар во земјата, владата во Исламабад возврати: „Сметаме дека изјавата на Мајк Мулен е неодговорна и навредлива. Такво нешто само создава нови бариери во односите меѓу Пакистан и САД“, порача владин портпарол во Исламабад.

Експертите скептични

Дека таквиот став и замрзнувањето на воената помош нема позитивно да се одразат врз американско-пакистанските односи и дека на тој начин Американците нема да ја постигнат посакуваната цел, смета и пакистанскиот политиколог Ахмед Рашид.

Aiman al-Sawahiri

Осама бин Ладен и наследникот Ајман ел Завахири

„Запирањето на финансиската помош ќе има за последица намалување на воените операции против талибанците. Во споредба со досега ќе има помалку офанзиви.“

Американската влада им префрла на пакистанските сили за безбедност цели две милијарди евра годишно за борба против тероризмот. Но, барем делови од пакистанската армија очигледно и понатаму ги поддржуваат исламските екстремисти. Во полза на таа теза зборува и пронаоѓањето на Осама бин Ладен на пакистанска територија. Воениот експерт Ајша Сидика оценува: „Овие воени старешини се претерано самоуверени и сметаат дека засекогаш ќе можат да ги насочуваат милитантите и мулите. Тие сметаат дека и понатаму можат да ја играат таквата игра.“

Останува да видиме какви ефекти ќе донесе притисокот од САД, како клучен сојузник на Пакистан. Меѓутоа, какви форми и да добива тој притисок, сепак мора да почитува некакви граници. Бидејќи со Пакистан е тешко да се добие војната во соседен Авганистан, но без Пакистан таа задача е неостварлива.

Автор: Кај Кистнер / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски