1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Легија-договор со српската влада?

По околу 14 месеци од убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ ноќеска се предал осомничениот убиец Милорад Луковиќ Легија,кој дозволил да биде приведен пред неговата куќа во Белград,гласи официјалното соопштение.Во Србија штурите информации на полицијата отвораат простор за шпекулации:дали Легија направил дил со новата српска власт?

Исказите на Легија ќе ја „потресат“политичката сцена,велат аналитичарите

Исказите на Легија ќе ја „потресат“политичката сцена,велат аналитичарите

Официјалното соопштение на српската влада за сензационалната вест беше прилично танко.Ноќеска околу 23 часот по локално време раководителот на ресорот за јавна безбедност на српското Министерство за внатрешни работи Мирослав Милошевиќ објави соопштение преку државната телевизија:

-Министерството за внатрешни работи на Република Србија -соопштува дека вечерва околу 21 часот Милорад Луковиќ наречен Легија ,главнообвинет за убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ,се предаде на државните органи.Луковиќ е уапсен,законската постапка е во тек.

Одговорната судијка денеска изјави дека тој е веќе во затвор,а изјава ќе даде пред судот можеби уште на 10 мај.

Повеќе од една година Луковиќ е еден од најбараните луѓе во Србија,но и покрај тоа му успеваше очигледно да се сокрие во таа иста земја.Вчера вечерта едноставно тој се прошетал во елитниот белградски кварт Филмски град право кон полицајците,кои ја набљудуваат неговата вила и изразил желба да им се предаде.

Адвокатите на Луковиќ се изненадени од постапката на Легија исто колку и јавноста во Србија:зошто тој се предава токму сега,дали можеби добил некакви ветувања?Белградскиот правен експерт Марко Никовиќ во секој случај е сигурен:

-Според моето мислење Луковиќ по смената на власта во Србија воспоставил контакти со националистичката влада на премиерот Војислав Коштуница.Според мене,вели познавачот на политичката сцена,Луковиќ им понудил спогодба на новите властодршци.

Се разбира за тоа нема никаква официјална потврда.Но притворањето на професионалниот убиец Милорад Луковиќ,подобро познат под прекарот Легија,легионар,отвора одредени прашања кои треба да и бидат поставени на сегашната српска влада.

Легија го организирал убиството на тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ.Тој е платеник убиец,обучен во француската Легија на странците,кој на почетокот на деведесеттите се вратил во земјата во состав на познатата српска полициска единица Тигри,и учествувал со нив во бробите во Хрватска,во Босна и на Косово.Кон крајот на минатата деценија стана шеф на специјалната полициска единица Црвени беретки,која го поддржуваше курсот на симнатиот од власт српски и југословенски претседател Слободан Милошевиќ. Еден член на Беретките од декември се наоѓа пред судот поради тоа што е осомничен дека го извршил директно убиството,испалувајќи ги куршумите во Ѓинѓиќ на 12 март минатата година.Но постапката тече бавно.

Исказите на Легија,сигурен е правниот експерт Марко Никовиќ,ќе ја потресат политичката сцена во Белград:

-Со тоа ќе биде предизвикано влијание врз престојните претседателски и локални избори.Изјавите кои тој ќе ги даде ќе бидат од големо значење.Политиката во Белград отсега ќе се занимава речиси исклучиво со Легија.Со тоа најверојатно ќе бидат запоставени другите важни проблеми.

Наследникот на Ѓинѓиќ на врвот на Демократската партија,Борис Тадиќ,во меѓувреме искажа надеж дека сега конечно ќе се дознае инспираторот на убиството на Ѓинѓиќ,а не само извршителот.А тој нарачател веројатно терба да се бара во највисоките политички кругови. Луковиќ е единствениот жив сведок ,зашто двајцата други шефови на мафијата кои веројатно го организирале убиството на Ѓинѓиќ,беа убиени под мистериозни околности од српската полиција при обидот за нивно апсење.