1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Легендите од Менхенгладбах

Играњето во втора лига и моментното 13-тото место на Борусија од Менхенгладбах таму, можат да ги доведат неупатените во заблуда – станува збор за кризна фаза на еден од најуспешните германски фудбалски клубови.

default

30.јули 2004, отворање на новиот стадион во Менхенгладбах, вреден 87 милиони, со капацитет за 53046 гледачи

Пет титули во првенството, три во Купот на Германија и две европски, од Купот на УЕФА – тоа е билансот на Борусија , основана на 1-ви август 1900-та година, во 107-годишната клупска историја. Првата титула – и тоа во Купот, Борусија Менхенгладбах ја освои во 1960-та, по цели шест децении постоење. Пет години потоа, во 1965-та, предводена од легендарниот тренер Ханес Вајсвајлер се пласира во Бундеслигата. Тој го создаде прочуениот “тим на ждребињата”, што го сврте вниманието врз себе со атрактивен и офанзивен фудбал на контранапади.

“Гинтер Нецер, Јуп Хајнкес, Бернд Руп, Херберт Лаумен – тоа беа младите ждребиња и мислам дека прекарот на тимот главно е врзан за нив” - вели напаѓачот Хорст Кепел, кој на клубот му пристапи во 1968-ма. Токму во вистинскиот момент, оти во 70-тите години беа постигнати и најголемите успеси во историјата на клубот.

Првата шампионска титула дојде во 1970-та. Наредната година се случи легендарното кршење на стативата. Напаѓачот Херберт Лаумен се сеќава: “Бев многу залетан и влетав во мрежата. Потоа слушнав дека нешто пукна, се стуткав - и тогаш падна стативата, а по неколку секунди целиот гол лежеше на земја”. Резервен гол не можеше да биде донесен, натпреварот беше прекинат и службено регистриран во полза на Вердер Бремен. Четири недели подоцна Борусија Менхенгладбах сепак стана прв германски клуб кој успеа да ја одбрани шампионската титула во првенството.

Уследија и други настани кои се памтат и раскажуваат како фудбалски легенди. Во сезоната 71-ва/ 72-ра “тимот на ждребињата” ја "збриша" супер-екипата на Интер од Милано, победувајќи ја со 7 спрема 1 во средба од Купот на европските шампиони. Но, играчот на Интер Роберто Бонисења беше погоден со “лименка” по главата и театрално падна. Берти Фогтс, тогаш одбранбен играч на Борусија Менхенгладбах добро ги памти тие моменти: “Кој и’ да ја фрли лименката, таа беше решавачка за УЕФА да ни ја украде победата – натпреварот мораше да биде преигран, и тоа во Берлин. Ние веќе не можевме да го повториме резултатот и бевме елиминирани од Купот на шампионите”.

Тие настани не влијаеја негативно врз популарноста на Борусија. Напротив, клубот во тоа време беше рамо до рамо со големиот ривал Баерн Минхен. Наредната титула во Купот на Германија Борусија ја освои во 1973-та во финалето во Диселдорф со победа против Келн постигната во продолжение. Решавачкиот гол го постигна Гинтер Нецер во последниот негов натпревар во дресот на тимот од Менхенгладбах – потоа замина во Реал Мадрид.

Борусија продолжи со успеси: како прв германски клуб го освои Купот на УЕФА во 1975-та, а три недели по тој успех стана и првак на Германија. По 11 години како тренер, творецот на “тимот на ждребињата” Ханес Вајсвајлер му го препушти кормилото на Удо Латек. Со него Борусија постигна хет-трик, освојувајќи го првенството и во наредните два години.

Од 1978-ма останува за историјата победата од последното коло со 12 спрема нула против Борусија од Дортмунд, до денес недостигнат рекорд во Бундеслигата. Но, тоа не беше доволно за титулата, туку само за второ место во првенството. Наредната година, пак, Борусија Менхенгладбах по втор пат го освои Купот на УЕФА. Тогаш Берти Фогтс, примајќи го пехарот како капитен, ги изговори легендарните зборови: “Погледајте го пехаров, со години нема веќе да бидете во состојба да примите ваков пехар”.

Наредните две децении покажаа колку беше подоцнежниот селектор на германската репрезенатција Фогтс во право. Во 1995-та, со победата во Германскиот фудбалски куп, Борусија по 16 години повторно освои една титула, но 4 години потоа безгласно испадна во втора лига. Се врати по две години со Ханс Маер како тренер. Во 2004-та од Бекелберг се пресели на новиот стадион Борусија парк, кој е економска основа за успешна иднина. Во моментов не изгледа како да е таа на повидок.

Копс Кале