1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Левичарскиот сјај на Мостра

Критиката на капитализмот е една од темите што го одбележува годинешниот филмски фестивал во Венеција. Режисерот Мајкл Мур и претседателот на Венецуела Хуго Чавез - вистински ѕвезди на Мострата.

default

Мајкл Мур извонредно примен од публиката во Венеција

Најголем број гледачи на Филмскиот фестивал во Венеција привлече американскиот режисер Мајкл Мур со неговиот најнов документарен филм „Капитализам: Една љубовна приказна“. На крајот на гала-вечерата на која беше промовиран филмот, имаше овации и многу извици „браво“. Критичарите, меѓутоа, контроверзно дискутираат за овој прв документарен филм кој се нашол во главната натпреварувачка програма.

Некои критичари во новиот филм на Мајкл Мур, кој претставува напад врз различните форми на претераната алчност за профит во САД, не гледаат ништо повеќе од пропаганда. Други, пак, се воодушевени од повикот на Мајкл Мур за граѓански протест. Мур, дефинитивно, предизвикува воодушевување кај публиката.

Flash-Galerie Venedig 2009 Biennale

Сцена од најновиот документарен филм на Мур

Главниот критичар на Америка во Венеција се претстави со филмот во кој тој се соочува со виновниците за финансиската криза која го тресе светот:

„Овој филм е важен за Европејците, всушност за сите луѓе во светот. Тие конечно ги чуствуваат последиците од финансиската криза. А таа започна пред се’ на Вол Стрит.“

Дали по „Златната палма“ ќе следува и „Златен лав“?

Неговиот филм е поттикнат од неговата загриженоста за, како што вели, многу брзото исчезнување на едноставната човечност во секојдневието во САД. Тој прикажува многу примери за тоа, пред се’ од работниот свет. Меѓутоа, Мур, сепак, полага надежи во подобри времиња.

„Доброто во т.н американски сон е вербата во демократијата и праведноста од страна на нас - Американците. Но може ли нешто и натаму да се нарекува демократија, ако економските односи водат кон тоа - животот на луѓето да биде се’ понедемократски? Дали Америка е се’ уште демократија, и покрај тоа што секои неколку години сите одиме да гласаме на избори? Имено, секој што оди на работа, секој ден кога ќе влезе во неговата

Der goldene Löwe

Му се насмевнува ли на Мур и „Златниот лав“?

фирма се откажува од своите со устав гарантирани права за демократија и слобода. Како е можно тоа? Демократијата би морала да се случува насекаде и во секое време во нашето општество, а не само на денот на изборите“, говореше Мајкл Мур во Венеција.

Моќта со која зрачи Мајкл Мур, веднаш се префрла и во киносалите. Сеедно дали некој го сака неговиот начин на агитација или не. Разбирливо, сето тоа воопшто не е интересно, погледнато од формално филмски и уметнички агол. Меѓутоа, со голема возбуда се чека да се види дали тој како и во 2004 година со „Фаренхајт 9/11“ на Филмскиот фестивал во Кан, ќе успее да ја освои и главната награда на фестивалот во Венеција.

Оливер Стоун главен обожавател на Хуго Чавез

Како вистинска филмска ѕвезда на фестивалот во Венеција беше пречекан претседателот на Венецуела, Хуго Чавез. Заедно со американскиот режисер Оливер Стоун тој зачекори на црвениот тепих поставен за премиерата на документарниот филм на Стоун „Јужно од границата“. Голем број љубопитници го славеа Чавез, но можеа да се слушнат и поединечни свирежи на негодување.

Chavez auf dem Balkon des Präsidentenpalastes in Caracas

Претседателот на Венецуела, Хуго Чавез

Со документарниот филм „Јужно од границата“, Оливер Стоун, како што изјави, сака да укаже на позитивните промени во Јужна Америка во изминатите години и да и‘ се спротивстави на критиката во американските и европските медиуми за левичарскиот претседател на Венецуела, Хуго Чавез. Стоун, покрај Чавез, за потребите на филмот ги интервјуираше и претседателите на Аргентина, Бразил, Еквадор, Боливија, Куба и Парагвај. Американскиот режисер на прес-конференцијата му оддаде признание на Чавез „за сите извонредни промени “ во Венецуела. Чавез, пак, истакна:

„Дојдов овде зашто овој филмски фестивал е голем настан. Ми се чини дека Стоун ја прикажа реалноста во Јужна Америка и нејзиното повторно раѓање.“

Автор: Петер Клаус, Марко Хојер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска