1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Леверкузен го презеде врвот во Бундеслигата

Бајер Леверкузен е нов лидер на табелата во германската Бундеслига. 8-то коло го одбележа и новиот кикс на фаворитот Бајерн Минхен, како и седмиот по ред пораз на берлинска Херта и покрај тренерската смена.

default

Од натпреварот меѓу Бајерн Минхен и ФЦ Келн

Уште на првиот натпревар Фридхелм Функел имаше можност да се увери колку многу работа го чека на кормилото на Херта. Новиот тренер на берлинскиот тим во своето деби загуби на домашен терен од Хамбургер со 3:1, а Херта остана на дното на табелата. По мечот, Функел изјави дека во поразот можат да се најдат и позитивни моменти: „Дека во ниеден момент не се откажавме, дека постојано се обидувавме против силниот Хамбургер да создадеме шанси за нас. Тоа не беше едноставно. И тоа го сметам за многу позитивно“, истакна Фридхелм Функел.

Со шестата победа Хамбургер се зацврсти на врвот на табелата со 20 бода.

Дербито на колото се играше во неделата во Штутгарт, а домашниот тим продолжи со слабите резултати сезонава. Овојпат, со победата од 2:0, бодовите ги однесе Вердер, чии играчи во Бремен се враќаат како четврти на табелата, со 15 бодови. Вообичаено критички настроениот тренер Томас Шааф, овојпат речиси и да немаше забелешки: „Ако нешто воопшто може да се забележи, тогаш тоа е дека во второто полувреме можевме многу подобро да ги одиграме нашите контранапади. Но, севкупно екипата одигра добар натпревар.“

Бајер од Леверкузен продолжува со сигурните игри

Во саботата нова жртва во Леверкузен беше тимот на Нирнберг чии играчи си заминаа со 4 гола во мрежата. Тренерот Јуп Хејнкес имаше причини за задоволство: „Да, тоа многу радува и се разбира е добро за подобрување на гол-разликата. Но, исто така радува дека во одбраната играме се’ постабилно и покомпактно. Тоа влева самодоверба за во иднина.“

Бајерн уште еднаш ги разочара своите навивачи. Во саботата на „Алијанц“-арената, во натпревар без голови, минхенскиот гигант мораше да се задоволи само со бод во дуелот против Келн, кој полека го напушта дното на табелата. Холанѓанецот на чело на Бајерн, Луј ван Хал ги критикуваше напаѓачите на својот тим: „Недостасуваше кондиција и агресивност кај мојата екипа. Мислам дека не направивме многу стопроцентни шанси во шеснаесетникот и тоа е премалку за да се победи.“

Fußball Bundesliga FSV Mainz 05 - TSG 1899 Hoffenheim Flash-Galerie

Мајнц беше подобар од Хофенхајм

По четирите едноподруго победи, дојде крај и на серијата на Хофенхајм. Во осмото коло, Мајнц на домашен терен беше поуспешен од Хофенхајм со резултат од 2:1. Шампионот Волфсбург продолжи со променливата форма сезонава, а во саботата одигра само 1:1 на гостувањето кај Бохум. Фудбалерите на Хановер, пак, имаа свој ден во дуелот против Фрајбург, и победија со 5:2.

Борусија Дортмунд излегува од криза?

Крај на неуспешната серија и за гигантот од Дортмунд, Борусија. Еден гол беше доволен за победата над истоимениот тим во Менхенгладбах, а тоа беше доволна причина тренерот Јирген Клоп да заклучи дека Дортмунд излегува од криза: „Во текот на сите 90 минути ние доминиравме и затоа сум навистина задоволен од целиот натпревар. Јасно е дека можеме и дека треба да играме подобро во иднина. Но, за нас, како прво, е најважно да ја прифатиме ситуацијата во која се наоѓаме, да ја обработиме и најдеме излез од неа. Денеска го направивме првиот чекор во таа насока.“

Trainer Jürgen Klopp Borussia Dortmund

Јирген Клоп е оптимист околу иднината на Борусија Дортмунд

Во петочниот (02.10.2009) натпревар Шалке дојде до трите бода во дуелот против Ајнтрахт со сигурна игра и два постигнати гола, кои го искачија тимот на Феликс Магат на третата позиција на табелата.

Ќе се измешаат ли картите во врвот на Формула 1?

Германецот Себастијан Фетел со болид на „Ред Бул“ триумфираше на трката во Формула 1 за Големата награда на Јапонија. На патеката во Сузука, Фетел стигна до третата победа сезонава, откако успеа од првиот до последниот круг да ја задржи пол-позицијата. До Фетел, на подиумот застанаа и Јарно Трули од „Тојота“, и поранешниот светски првак Луис Хамилтон со „Мекларен Мерцедес“. Лидерот во генерален пласман Џенсон Батон го освои осмото место, и со еден освоен бод остана на чело на табелата со 14 бодови предност пред неговиот колега од „Браун Џи Пи“, Рубенс Барикело и 16 повеќе од Фетел. „Браун Џи Пи“ убедливо води и во конкуренција на конструктори пред тимовите на „Рено“ и „Ферари“. До крајот на сезоната остануваат уште две трки, следната недела во Бразил на патеката Интерлагос, и две седмици подоцна во Абу Даби.

Автор: БГ/СН/А.Цимонс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска