1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Лајпциг ја поднесува кандидатурата за ОИ 2012 - денеска истекува рокот за кандидирање

-На 6-ти јули наредната година ќе биде решено кој од 9-те кандидати ќе ја добие организацијата на олимпијадата

40 години по игрите во Минхен Германија сака повторно да организира олимпијада. Канцеларот Герхард Шредер синоќа во Берлин ги прими врвните претставници на Комитетот за кандидатурата на Лајпциг за организација на летната олимпијада во 2012-та година. За Лајпциг, како и за поголемиот дел од другите заинтересирани градови, денеска е последниот ден за предавање на официјалната кандидатура до Меѓународниот олимписки комитет. На синоќешната средба кај канцеларот, на која присуствуваа градоначалниците на Лајпциг и Росток (во него би се држеле натпреварите во едрење), раководителите на Комитетот и на другите тела за кандидатурата, претседателите на Националниот олимписки комитет и на Германскиот сојуз на спортовите, потоа потоа покраинскиот премиер на Саксонија, како и сојузните министри за внатрешни работи и за сообраќај, биле разгледувани натамошните чекори што треба да се преземат за успешна кандидатура на источногерманскиот град. Во март, на покана на канцеларот, ќе се одржи порано најавениот "олимписки самит со вклучување на сите општествени групи". Како што е соопштено од неговиот кабинет, Шредер синоќа оценил дека со подготовката на одговорите за прашалникот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОЦ) е направен важен чекор. Тој каталог од одговори денеска треба да му биде поднесен на претседателот на ИОЦ, заедно со изјавите за гаранции потпишани од канцеларот Шредер и од покраинските премиери на Саксонија и на Мекленбург- Предна Померанија.
Лајпциг лани во април победи на изборот на германски канидат за организирање на олимпијадата. Неговиот концепт е единствен досега по тоа што најголемиот дел од натпреварите би се одвивал во центарот на градот - 90 насто од борилиштата се во радиус од 10 километри. "Спортистите, олимпиското семејство, посетителите сосем непосредно ќе доживеат еден европски, урбан град, ќе можат, така да се каже, со рака да ги допрат своите домаќини. Тоа е нашиот карактеристичен белег. Ако помислите на предноста на кратките реалции, покрај другото и од безбедносен аспект, како и за транспортот - тогаш ние нудиме нешто што никој не може дополнително да го оствари во толку кусо време" - укажува градоначалникот Волфганг Тифензее на атрибутите на Лајпциг. Граѓаните и' се радуваат и ја поддржуваат кандидатурата: "Сметам дека би било убаво доколку се оствари - зашто тоа севкупно многу би му донело на Лајпциг во рамки на инфраструктурата, работните места и на се' друго што е во меѓузависност. Би било сосем убаво", вели една жителка на градот.
Рокот за поднесување на кандидатурата истекува денеска на полноќ. Утре Лајпциг ќе и' ја претстави својата понуда на меѓународната јавност, што го планира и Њујорк, кој - како и Мадрид - вчера ја поднесе кандидатурата. Документите прва ги достави кубанската престолнина Хавана уште на 9-ти јануари; другите кандидати - Истанбул, Лондон, Москва, Париз, Рио де Жанеиро го чекаа последниот ден.
По разгледувањето на документите за кандидатура и евентуалната прва селекција, ИОЦ на 18-ти мај ќе објави кои градови стануваат официјални кандидати. Тие имаат рок до 15-ти ноември да ги оптимираат поднесените документи, а Меѓународниот олимписки комитет на пленарна седница на 6-ти јули наредната година во Сингапур ќе го изврши изборот на градот што ќе ги организира игрите во 2012-та.
Познатиот лондонски букмејкер Вилијам Хил го става својот град во улога на фаворит нудејќи 6 за 4 вложени фунти за оној кој се обложува на Лондон. Кај Париз односот е 7 спрема 2, Мадрид 11 спрема 2, Њујорк 9 спрема 1, Рио де Жанеиро 10 спрема 1. Лајпциг е шесторангиран, заедно со Москва, со облог од 16 спрема 1. Како апсолутни аутсајдери се оценети Истанбул и Хавана: оној кој типува на нив, би добил 50 пати поголема сума од вложената, доколку бидат избран еден од тие два града.