1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Лајпциг во фудбалска треска – неуспешната олимписка кандидатура преболена

Жрепката му додели на градот атрактивни средби од претстојното светско фудбалско првенство

Стадионот во Лајпциг

Стадионот во Лајпциг

Уште при доаѓањето во Лајпциг, што е оддалечен само 2 часа од главниот град Берлин, се забележува големата присутност на Светското фудбалско првенство. Дури и локомотивата е украсена со официјалната маскота, а големи плакати со ликот на лавчето висат и низ целиот град. Одушевувањето е дотолку поголемо што лавот се наоѓа инаку и на амблемот на градот.

Во Лајпциг во моментов се‘ уште многу се гради. Градските татковци инвестираа 150 милиони евра за подобрување на целата инфраструктура. „Голем број работници се на градилиштата и ова многу и‘ помага на градежната бранша, која инаку е во криза. Тоа предизвикува и мешаница во градот, но веќе сега се завршени две третини од сите работи“ – појаснува пратеникот на градските власти за светското првенство Енгелберт Литке Далтруп.

Никој не се сомнева дека до јуни ќе биде завршена и преостанатата една третина од градежните работи. Само огромниот тунел што води под целиот центар на градот ќе остане недовршен до крај, туку само провизорно завршен. Тој, впрочем, беше планиран за Олимписките игри во 2012, но Лондон победи на меѓународниот конкурс. Лајпциг во меѓувреме го надмина големото разочарување, смета Рене Милер, поранешен фудбалер на националната репрезентација на Германската Демократска Република и сега почесен амбасадор на Светското првенство: „Ова е прво голема чест, ова е мојот роден град и нам како граѓани на овој стар саемски град ни е потребно Светското фудбалско првенство. Добро сме подготвени и многу сме му благодарни на германскиот Фудбалски сојуз што ни направи ваков убав подарок“.

Според медиумите, целиот град од половина милион жители се наоѓа во фудбалска треска и тоа најдоцна од извлекувањето на групите за првенството, што се случи токму овде. По тој повод во декември минатата година се собраа легенди на фудбалот како Пеле и Бекенбауер, а дојде и претседателот на државата Хорст Келер.

22 годишниот Тони Дајхфус е многу задоволен од екипите кои според жрепката ќе играат во Лајпциг: „Како граѓанин на Лајпциг можам само да се радувам, бидејќи добивме добри натпревари, а со Холандија, Шпанија и Франција и атрактивни екипи. За жал, уште немам добиено влезници, но се надевам дека ќе добијам“ – вели Тони кој и самиот тренира фудбал во регионалниот лигаш Лајпциг, а работи и како продавач на фудбалски сувенири: „Топки, дресови од разни екипи - пред се‘ од германската; едноставно се‘ што ќе си посака фудбалското срце!“

И центарот на Лајпциг се подготвува за големиот број туристи. Во овој град со 850-годишна историја има и што да се види: голем број стари трговски куќи, пасажи, тука е и вториот најстар универзитет во Германија. Овде излезе од печат првиот дневен весник во целиот свет, тука студираше и славниот Гете, компонираше Бах. А во Лајпциг беше основан и првиот германски фудбалски сојуз во далечната 1900-та година. „Центарот на Лајпциг е многу компактен, фала Богу си ја здржа старата архитектура и на секој чекор можат да се видат сведоштва на старата, богата култура што го одликува“ – срдечно објаснува поранешниот градоначалник Хајнрих Леман Грубе.

Централниот стадион, во кој ќе се одржуваат натпреварите од светското првенство, се наоѓа на само 20 минути од центарот на градот – и тоа пешки. На ваквата местоположба и‘ се радува поранешниот репретзентативец на ГДР, Рене Милер: „Фудбалскиот стадион всушност би морал секогаш да се наоѓа во центарот на градот. Овде фудбалот живее на поинаков начин и многу се радувам што новиот стадион никна врз подлогата на стариот“.

Новиот модерен стадион за Светското првенство, имено, беше изграден внатре во стариот, кој беше огромен и можеше да прими цели 110.000 гледачи. Новиот е помал, но затоа поубав. Тој има 45.000 места за седење, сите се покриени, нема столбови што му пречат на погледот, а топката одлично се гледа и од последните редови.

Внатрешноста е скромно уредена, не како кај некои богати фудбалски клубови од Германија, појаснува туристичкиот водич Фолке фон Кединг: „Овде изгледа во принцип како во некоја спортска сала. Имаме секако и убав базен, каде тимот на Австралија, на пример, сакаше да има мраз наместо топла вода. Затоа екипата на Тунис сака да има топол чај кога ќе игра. Ете, има сосема различни желби, но не такви кои не можеме да ги задоволиме“ – појаснува туристичкиот водич на Лајпцишкиот стадион, Фолке фон Кединг.