1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Латинска Америка-проблем е нееднаквиот развој

Од денеска до 16 април во Рио де Жанеиро се одржува Светскиот економски форум на Латинска Америка. На самитот на независната меѓународна организација со седиште во Швајцарија во фокусот е светската економска криза.

default

Стандард, но и сиромаштија, Рио де Жанеиро

Светскиот економски форум на Латинска Америка 2009 ќе заврши ден пред почетокот на американскиот самит во Тринидад и Тобаго, каде шефовите на држави, меѓу кои и Барак Обама од САД, ќе бараат решенија за проблемите на земјината западна хемисфера. Притоа ни таму не треба да бидат заборавени посебностите на Латинска Америка, зашто земјите од овој регион се погодени од светската економска криза на сосема поинаков начин.

„Вистинскиот проблем на Латинска Америка не е што е најсиромашен континент, туку што овде владеат нееднаквости меѓу државите. Се наоѓаме во криза, но регионот е во состојба во голема мера да ги отплатува долговите. Зборувам за Бразил, Мексико, Колумбија, Перу и Чиле. Банкарскиот систем во сите овие земји е многу повеќе капитализиран отколку во земјите на Запад, а внатрешните пазари на овие држави покажуваат можност за развој, што е инструмент против намалувањето на извозот, до што пак доаѓа поради кризата“, вели Емилио Лозоја, раководител на Светскиот Латиноамерикански стопански форум.

Како Латинска Америка ќе се справи со кризата

Brasilien Rio de Janeiro

Рио де Жанеиро

На четвртата средба Лозоја со претставниците на околу 550 претпријатија, економски експерти, претставници на политиката и на цивилното општество, ќе покрене три важни прашања. Првото е: како ќе биде погодена од кризата хетерогената Латинска Америка. Земја како Бразил, која е во голем дел зависна од земјоделските производи, кризата ја чувствува поинаку отколку Мексико, чија трговија е силно зависна од САД.

Друга тема за која ќе се дебатира е како латиноамериканските земји да го искористат потенцијалот на приватните ресурси и што е многу важно, каква улога може да одигра приватниот сектор во економскиот поттик. Зашто, во овој регион, велат организаторите на Форумот, посебно е значаен дијалогот меѓу владите и приватниот сектор.

„Пред десет години на прстите од една рака можевме да изброиме колку мултинационални фирми постојат во Латинска Америка. Денес постојат безброј вакви претпријатија во Бразил, Мексико, Колумбија, Аргентина, Чиле. Се надевам дека оваа средба ќе биде знак дека Латинска Америка е важно место за економскиот и социјалниот развој,“ вели Алесандро Теиксеира од бразилската Агенција за поддршка на извозот и инвестициите, АПЕКС.

Примерот на Бразил дава надеж

Landwirt mit Strohhut vor Feld und Bauernhof in Bahia

Плантажа во Бразил

Тоа што оваа година домаќин на собирот е токму Бразил не е случајно, објаснува Емилио Лозоја: „Бразил ни дава надеж, зашто таму постои силен финансиски сектор. Реалната економија е силно погодена, како и другите, но внатрешниот пазар во последно време силно се развива, младото население и‘ дава поттик на потрошувачката. Тоа е добар потенцијал“, оценува Емилио Лозоја.

Но, тој нема илузии кога се работи за последиците од економската криза врз најголемите латиноамерикански економии, иако е свесен дека најголемиот ризик постои за малите земји на континентот. Тие, имено, најчесто го губат капиталот и најмногу им требаат кредити.

Автор: Ренате Кригер / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска