1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Лампедуза во Хамбург“

Темата за европската бегалска политика е актуелна и во Хамбург. Група бегалци сега таму се бори да добие право на престој. Во нивна поддршка вчера (25.10.2013) демонстрираа околу десет илјади луѓе, според организаторите

Асукуо Удо седи на една клупа во дворот на црквата Ст. Паули во Хамбург и ја раскажува приказната на своето бегство. Удо потекнува од Нигерија. Осум години живеел како гастарбајтер во Либија. Кога во 2011. година таму изби граѓанската војна, тој ненадејно се нашол меѓу фронтовите и сметаше дека е принуден на бегство.

Заедно со многу други бегалци Удо се упати со брод во правец на Европа. „Преминувањето на Средоземното Море беше најголемиот ризик во мојот живот“, раскажува Удо. „Со часови не знаев што ќе се случи во наредната минута. Но, со Божја помош преживеав“.

„Без перспектива“

Asuquo Udo

Асукуо Удо

Како и илјадници други бегалци, Удо стигна до средоземноморскиот остров Лампедуза. Таму неговиот пат водеше низ различни прифатни кампови. Тамошните услови му останаа во сеќавање како катастрофални. „Луѓето просеа на улица, имаше проституција и дрога. Ваквите околности негативно се одразија врз бегалците. Немаше ништо да се прави, никаква перспектива. Беше страшно“.

Но, кризата во Либија од почетокот на 2013. година се смета за завршена, што веднаш беше сигнал за италијанските власти. Тие го затворија прифатниот камп за бегалците од Северна Африка во кој беше сместен и Удо. Тој доби важечки патни исправи за Европа и 500 евра и беше препуштен сам на себе. Во март Удо стигна во Хамбург. Тој не беше единствениот. Во градот дојдоа околу 300 бегалци. Тие потекнуваат од Гана, Того или Брегот на Слоновата Коска и сите имаат слична судбина на Удо.

Властите опстојуваат на своето

Извесен период мажите живееја на улица. Постепено најдоа прибежиште во различни институции, 80 мажи оттогаш живеат во црквата Ст. Паули во Хамбург. Тие пред сѐ сакаат да заврши неизвесноста и сакаат да останат во Германија. Под името „Лампедуза во Хамбург“ групата бара дозвола за престој и работа за сите 300 членови.

Hamburger St. Pauli Kirche Flüchtlinge

Црквата Ст.Паули во Хамбург им понуди прибежиште на бегалците

Но, властите во Хамбург не го дозволуваат тоа. Веќе половина година Сенатот за внатрешни работи бара од групата да се регистрира, вели сенаторот за внатрешни работи од СПД Михаел Нојман: „Тие досега се противеа на тоа, што посебно жалам. Сите ги поканувам да ги изнесат своето име и бегалската приказна“. Само на тој начин, смета Нојман би можело да се најде решение за бегалците.

„Бегалците не може да најдат мир“

Европската одредба Даблин II предвидува, бегалците да може да поднесат азил само во земјата во која првпат стапнале на европско тло. Членовите на Лампедуза-групата затоа стравуваат дека повторно ќе бидат вратени во Италија, доколку се пријават со име.

Германските власти претпоставуваат и дека италијанските патни документи за мажите се истечени и дека тие во Германија престојуваaт нелегално. Од изминатата недела затоа полицијaта засилено ги контролира мажите кои ѝ припаѓаат на групата. За многумина во групата, раскажува Удо тоа претставува траума: „Тие не можат да најдат мир. Тие ја преживеаа војната во Либија, го преживеаа патот преку Средоземнотo Море и ги преживеаа бегалските кампови во Италија - само за тоа овде повторно да го доживеат истото“.

Помош за црквата

Околу 80 членови на групата засолниште најдоа во црквата Ст. Паули во близина на пристаништето во Хамбург. Поради контролите тие најчесто остануваат во дворот на црквата. Тука тие се безбедни од полицијата. Надвор веќе не можат слободно да се движат.

Hamburger St. Pauli Kirche Diakonin Constanze Funck

Констанце Функ

За Констанце Функ судбината на групата е пред сѐ доказ дека европската бегалска политика не е човечки достоинствена. Таа работи во Дијаконијата на евангелистичко-лутеранската црква на северна Германија како координатор за Лампедуза-групата. Таа смета дека е време да се ревидира европската бегалска политика.

Во моментов се чини ситуацијата е безизлезна. Ниту бегалците, ниту Сенатот не отстапуваат од своите позиции. Црквата планира да не ја менува својата помош за Лампедуза -групата во догледен период. Дополнителна помош бегалците добиваат од синдикатите и хуманитарните организации. Исто така и многумина граѓани донираат, предмети на пример. Пред сѐ сега им се потребни топли чевли и дебела облека. Се ближи зимата и многумина сметаат дека ситуацијата нема да се смени наскоро.