1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ламбринидис: Груевски е заробен во реторика на нетолеранција

Грчкиот министер за надворешни работи, Ставрос Ламбринидис вчера во грчкиот парламент го обвини македонскиот премиер Никола Груевски дека се криел зад спорот за името и недостатокот од контакти.

default

Шефот на грчката дипломатија обвинува дека македонскиот премиер го држи народот во заложништво

За шефот на грчката дипломатија е нејасно што сакал македонскиот премиер да постигне со подигањето на статуата во центарот на Скопје. Му порача да не ја краде грчката историја.

„Морам да признаам дека не знам што сакаше да постигне господинот Груевски со преголемата статуа на Александар Велики, што ја постави во Скопје. Но, време е да сфати дека е дојдено време да се создава историја, а не да се препишува нашата. Тоа од него сега едногласно го бара Европа, го побарува Америка, а од него го бараат и неколку големи земји низ светот“, нагласи Ламбринидис.

Тој додаде дека иако атмосферата во меѓународната заедница била многу тешка за Грција, сепак премиерот Папандреу повеќе од десет пати имал средби со Груевски. „Не од причина за да прават муабет, туку затоа што искрено веруваме дека за да се постигне договор, мора да изградиме доверба и поинаква клима со луѓето од Скопје“, додаде Ламбринидис.

Ламбринидис гледа решение во грчките црвени линии

Грчкиот шеф на дипломатијата додаде дека од нивна страна бил направен позитивен предлог, посочувајќи го барањето за име со географска одредница за севкупна употреба, нешто што било договорено со широко мнозинство од политичките сили во земјата. Наместо кон договор, Груевски ги водел граѓаните и земјава во заложништво, обвини Ламбринидис.

Griechenland EU Flaggen bei Akropolis Symbolbild Finanzkrise Gipfel

Грција како претседавач со ЕУ во 2014-та ќе бара временски рамки за прием на балканските земји во Унијата

„Најважно од се’, ние сме убедени во искреноста на нашите намери и нашата подготвеност да се постигне решение. Наместо тоа, господинот Груевски се зароби во реторика на нетолеранција. Тој ги убеди сите во земјата за неговите намери. Тој ја држи европската иднина на граѓаните, а заложништвото произлегува од упорноста“, нагласи Ламбринидис.

Во говорот шефот на грчката дипломатија повтори дека стратешки интерес на Грција е да се видат земјите од Балканот во ЕУ. „ Да се создаде простор на мир, безбедност и развој на нашите граници и единствен пазар за производи и услуги за сите нас. Нема да биде лесно од две причини, бидејќи климата во Европа се промени, а работите во некои земји од регионот се влошија“, додаде Ламбринидис.

Тој повтори и дека на самитот ЕУ- Западен Балкан, што ќе го води Грција, како претседавач со Унијата во 2014, ќе се бара да се постави патоказ за интегрирање на тие земји во ЕУ.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски