1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Лакомите бискупи во Словенија

Илјадници Словенци останаа без своите заштеди кои ги имаа вложено во инвестициски фондови на мариборската бискупија. Ватикан принуди на оставка тројца бискупи, но тоа е слаба утеха за жртвите на финансиското фијаско.

Зденка Бајец понекогаш се прашува што згреши за да ја снајде ова. Целиот живот работела како наставник по музичко. Малкуте пари кои таа и нејзиниот сопруг со години ги тргале на страна, ги вложиле во фондот на мариборската бискупија по име Звон односно Камбана.

„Решивме се' да вложиме во Звон. Тоа беше фирма на црквата. Рековме дека црквата е чесна и оти ќе внимава како ќе се постапува со парите, па така целото наше семејство вложи пари во тој фонд: мојот сопруг, јас и ќерка ми, но и нашите пријатели. Решението го донесовме сите заедно.“ , вели Зденка.
По независноста на Словенија, мариборската бискупија ги основа инвестициските фирми Звон еден и Звон два. Црквата потоа настапува како компанија, позајмува пари и ги вложува во градежни и во телекомуникациски компании или пиварници. Ова долго време функционираше добро, но кога кризата ја зафати и Словенија, се урна кулата од карти. Звон еден и Звон два банкротираа.
Никој не знае колку пари прокоцкаа холдинзите Звон. Наводно станува збор за околу 800 милиони евра. Од правна страна до денес не е расчистено кој е одговорен за тоа - менаџерите на фондот или црковните татковци. Но одговорот од Рим беше јасен.


Ватикан веднаш принуди на оставка дури тројца бискупи.

Менаџерите на Звон еден и два, лица кои не се од црквата, поминаа премногу добро, сметаат многумина, меѓу нив и претприемачот Роландо Крајник. Во фондовите Звон тој вложил неколку десетици илјади евра.

„Тие неколку бискупи кои поднесоа оставка се капка на жежок камен. Всушност, директорите на Звон беа тие кои погрешно ги инвестирале парите - и знаеле оти тоа е погрешно - а ним ништо не им се случи! Немам никакви илузии! Некое време бев лут, но сега можам да кажам дека тоа е едноставно така!“, вели Крајник
Станислав Липовшек, бискуп од Целје, под чија надлежност сега е и Марибор, не ја негира одговорноста за финансиското фијаско. Конечно, десетици илјади наивни вложувачи, загубија сѐ.
„Кога ќе дојде вакво искушение како сега во мариборската бискупија, тогаш виновна за тоа е човечката слабост. Некои очигледно не сметале добро, можеби малку премногу фантазирале.“, истакнува бискупот Липовшек.
А последица е долг кај банките од околу 37 милиони евра на црквата во Марибор, која се бори за опстанок. Речиси сиот нејзин земјишен посед, па и седиштето на бискупијата среде Марибор, е даден во залог на банките. А банката Рајфајзен во директното соседство веќе тужеше барајќи отплата на кредитите.

На саботните утрински богослужби во катедралата во Марибор некои верници деновиве се молат за опстанок на бискупијата. За многумина е слаба утеха тоа што тогашните црковни водачи уверуваат дека со добивката од инвестициските фирми требало да се финансира само духовното згрижување на верниците од нивната заедница. Останува барем моралната одговорност - и таа е исклучително голема.