1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Лажните синови на источните тајни служби

Комунистичките тајни служби по Втората светска војна користеле украдени идентитети на Германци за да ги вметнат своите тајни агенти во Западна Германија. Животот на еден полски таен агент наликува на холивудско сценарио.

Откако Германија и Полска во 1970 година ги обновија дипломатските односи, полската тајна служба веќе беше подготвена. По примерот на Советскиот сојуз, кој уште од 1920. години го користеше идентитетот на деца сирачиња за своите тајни агенти, и останатите земји од Источниот блок почнаа да го користат овој метод за да испраќаат агенти на Западот. Најчесто биле злоупотребувани идентитетите на деца, претежно сирачиња кои ги загубиле своите најблиски во периодот на Втората светска војна.

„Уште во 1960-тите години централата на полската тајна служба им издаде наредба на регионалните канцеларии да ги пребаруваат досиејата на Германците кои живееле на тие простори, и кои подоцна би можеле да бидат искористени“, вели  Владислав Булхак, историчар во полскиот Институт за национална историја.

Политичкото помирување меѓу Истокот и Западот овозможи наплив на агенти, смета полскиот историчар Славомир Сенкјевич. „Тоа не беа обични операции, туку строго заштитени. Тие беа водени од посебен оддел на тајната служба“.

Agententausch Identitäten Kalter Krieg

Јержи К. (лево) и вистинскиот Хајнц Арнолд (десно)

Хајнц Арнолд и „Хајнц Арнолд“

Таков е случајот и со Полјакот Јержи К. кој бил врбуван од полската тајна служба уште во младоста додека студирал германистика на универзитетот во Лајпциг во тогашна Источна Германија. Службата му го дала името Хајнц Арнолд.

Но кој бил всушност Хајнц Арнолд? Хајнц е германско дете кое мајката Хилдегард го оставила при нејзиното бегство од Померанија. Службите го преименувале во Јануш и го дале на посвојување во едно полско семејство. Вистинскиот идентитет Јануш ќе си го дознае дури откако ќе порасне, иако полските тајни служби биле убедени дека тоа нема да се случи.

Во меѓувреме, „Хајнц Арнолд“ минува низ специјална тригодишна обука за да стане таен агент. Преку Црвениот крст ја пронаоѓа својата „мајка“ Хилдегард во Германија и се претставува како нејзиниот вистински син. Иако жената во меѓувреме умира, тој сепак успева да се пресели во Бремен. Во северногерманскиот град Хајнц се вработува во Службата за миграции, а предава и германски јазик во локалната школа. Се зачленува во Социјалдемократската партија, а постојано е ангажиран и во разни невладини организации. Успева да дојде до многу информации за германската индустрија за производство на оружје и нејзиниот извоз.

Но, клучното поле на интерес на „Хајнц Арнолд“ се мигрантите од Источна Европа. Благодарение на работното место и контактите тој успева длабоко да навлезе во системот за контрола на доселениците и техниките кои ги користат германските служби. Тие сознанија им помагаат на неговите наредбодавци полесно да инфилтрираат и други агенти во системот. Хајнц ги шпионира и

Agententausch Identitäten Kalter Krieg

Јержи К. (десно) рапортира за крајот на неговата операција пред шефовите на полската служба. (оригинална фотографија)

полските опозиционери, особено оние поврзани со движењето „Солидарност“. Крајната цел му била да дојде до висока функција во администрацијата од која би можел да извлече уште поквалитетни информации.

Лажен идентитет

Во исто време, вистинскиот Хајнц, живее во Полска под името Јануш и не му е јасно зошто службите не му дозволуваат да излезе од земјата и постојано е повикуван на испитување од воената полиција. И покрај пречките, во 1984 година, преку Црвениот крст, тој почнува потрага по својата вистинска мајка. Во тој момент и службите во Германија забележуваат дека постојат две лица со ист идентитет. Лажниот Хајнц Арнолд е откриен во март 1985 година и е уапсен од германската полиција. Три месеци подоцна, во јуни 1985 година, вистинскиот Хајнц Арнолд умира во Полска под нејасни околности.

Полскиот агент Хајнц Арнолд останува во затвор во Германија 10 месеци. Случајот не се водел во нормални правни рамки, објаснува долгогодишниот службеник на германската служба Лотар Јахман.

„Кога ќе откриете шпион од ваков тип, се обидувате од него и политички да профитирате. Тоа беше најважното нешто во Студената војна“. Политиката и тајната служба одлучиле за возврат да бараат ослободување на нивни агенти на спротивната страна. Се барала размена.

Последната размена

Agententausch Identitäten Kalter Krieg

Последната размена на мостот Глинике 11.02.1986. (оригинална фотографија на Штази)

Размената се случила на 11 февруари 1986 година, на познатиот мост Глинике во близина на Потсдам, каде ваквите размени во периодот на Студената војна биле редовна појава. Јержи К. тој ден бил последниот од осумтемина агенти кои преминале од едната на другата страна. Тој е и последниот агент воопшто кој бил разменет во Студената војна преку овој мост. Продолжил да работи за полската тајна служба до 1989 година. Колку и какви податоци открил и изнесол од Германија за време на мисијата до денес не е познато.

По речиси 30 години, поранешниот шпион беше конфронтиран за своето минато во рамките на еден документарен филм на германската државна телевизија. За своите мотиви тој вели дека биле мешавина на желбата за авантура и материјална благосостојба. Јержи К. вели дека агентите од Студената војна кои добиле украден идентитет се‘ уште се активни.

„Да се верува дека не е така, би било наивно“, вели Јержи К.