1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Лагард-фаворит за шеф на ММФ

Француската министерка за финансии Кристин Лагард важи за најизгледен кандидат за наследник на Доминик Строс-Кан на функцијата шеф на ММФ. Која е жената која ќе се стекне со толкава моќ?

default

Кристин Лагард

Кристин Лагард важи за политички исклучителна фигура во Франција. Консеквентна, јасна и концентрирана, така се гледа таа себе си и својот стил на работа. Тоа го покажа и како актуелен претседавач со Г8 и Г20.

„Се надевам на поспонтани, послободни и понеформални дискусии. Често дебатите заглавуваат на некои технички или бирократски детали. Таквите работи се расчистуваат претходно, за главната средба да биде креативна и да може да се посветиме вистински на политичките димензии. Во тоа спаѓаат и пријателските и лични контакти на министрите за финансии“, вели Лагард.

Christine Lagarde

Компетентна и омилена

Оригинален начин на работа

Таа веќе одамна работи на ваков начин: испраќа лични покани до колегите, има полн адресар, во кој се наоѓаат и имиња кои немаат врска со финансискиот свет: мадам Лагард се‘ повеќе формира тинк-тенк групи и наоѓа невообичаени начини за разрешување на проблемите: „Како поранешна менаџерка и сегашна министерка секогаш во тимот имам барем една личност која е комплетно поинаква од другите. Некој, кој има поинакво образование, поинаков поглед кон работата. Ако сите се единствени, не се оди нанапред“.

Таа целата професионална кариера ја поминала низ светот, водела големи адвокатски канцеларии во Чикаго, Хонгконг и Лондон. Заради тоа е единствена во француската влада која зборува англиски со совршен акцент. Во политиката е само од 2005 година, а веќе четири години подоцна „Фајненшл тајмс“ ја прогласи за најдобар министер за финансии во Европа. Единствена слаба точка е една стара финансиска афера. Во моментов и‘ се заканува истрага заради вршење влијание врз донесување одлука во полза на францускиот претприемач Бернард Тапи, замешан во скандали. Досега таа успеваше да се извлече од сите непријатни политички стапици.

Автор: Ефи Зајберт/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска