1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Лагард и’ даде на Грција уште две години

На грчката економија ќе и’ требаат уште две дополнителни години за да го стави буџетот под контрола, изјави директорката на ММФ Кристин Лагард. Во меѓувреме останува неизвесна исплатата на новата помош за Грција.

Лагард на прес-конференција во Токио рече дека е потребно време пред Атина да биде во можност да го намали дефицитот на договорено ниво. Со нејзините коментари крајниот рок за исполнување на условите се поместува до 2016-та година. Лагард смета дека наместо притискање, „некогаш е подобро да се има малку повеќе време“ поради „околностите и фактот дека многу други земји во исто време одат низ истиот пакет политики со намера за кратење на нивните дефицити“.

„За ова се залагавме за Португалија, за ова се залагавме за Шпанија и за ова се залагаме и за Грција“, рече Кристин Лагард. „Повторував многу пати дека две дополнителни години се неопходни за земјата всушност да се соочи со програмата за фискална консолидација“.

Грција минува низ болни мерки на штедење наметнати врз земјата во замена за ветените заеми и кратење на долговите во вредност од 347 милијарди евра. Стегањето на ременот ја однесе Грција во петата година на рецесија. Едно од пет лица во земјата е невработено, а оние кои имаат работа се соочуваат со намалени плати.

Земјата се согласи да си го намали јавниот дефицит на 2,1 процент од БДП до 2014-та година. Минатата година дефицитот изнесуваше 7,3 проценти. Но, дополнителните две години на Лагард ќе го поместат рокот до 2016-та година.

Ќе добие ли Грција нови пари?

Logo vom Jahrestreffen des IWF und der Weltbank Tokio Tokyo International Forum

Годишно заседание на ММФ во Токио

Нејзините коментари дојдоа два дена по посетата на германската канцеларка Ангела Меркел на Грција, каде за време на демонстрациите таа беше навредувана и споредувана со нацистите. Сепак, Германија е најголемиот исплаќач на финансиска помош во Европа. Кратко пред посетата на Меркел на Грција, меѓународните кредитори – ММФ, ЕУ и Европската централна банка, направија дополнителен притисок врз Атина да ги заживее дадените ветувања за заштеди во замена за заемите кои и се неопходни. Грција од нив во понеделникот доби краен рок – 18-ти октомври, до кој треба да ги примени реформите, ако сака да добие нов заем, кој го бара уште од јуни.

Се’ уште останува неизвесно дали Грција воопшто ќе ја добие следната транша во висина од 31,5 милијарди евра, која е дел од помошта од меѓународните донатори. И повторно, доколку не ги добие тие пари Грција ќе се соочи со банкрот и исклучување од еврозоната. Сепак, очекувањата се дека парите на крај ќе бидат исплатени за да се задржи Грција во еврозоната.

На денот кој е одреден како краен рок за исполнување на барањата на меѓународните кредитори во Грција ќе се одржи генерален штрајк. На 18-ти октомври се одржува и самитот на Европската унија, кога Грција треба да ги презентира резултатите. Владата убедува дека пакетот мерки за штедење ќе биде подготвен до самитот на ЕУ, а со него се предвидуваат кратења од 13,5 милијарди евра во периодот од 2013-2014. Затоа водечките грчки синдикати повикаа на генерален штрајк, кој ќе се одржува еден месец по сличниот штрајк.

Сепак, од мај 2010-та година Грција е зависна од пакетот помош на меѓународните донатори, а за возврат на тоа освен кратењето на буџетот, таа мораше и да ги зголеми даноците. Синдикатите сметаат дека тоа води во дополнителна сиромаштија.