1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Лагард: Еврозоната е „епицентар“ на кризата

Кристин Лагард, шефицата на ММФ, Европа ја смета за „епицентар“ на глобалната економска криза. Таа инсистира на преземање поголеми напори заради надминување на кризата.

Директорката на ММФ Кристин Лагард ги повика владите во Европа и САД да преземат решавачки чекори за справување со финансиската криза. Носителите на одлуки мора да ги исполнат своите ветувања и да ги спроведат договорените мерки, за да овозможат стопанството во борбата против кризата повторно да биде вратено на вистинскиот колосек. Секое одложување и несигурноста ќе значи кочење на процесот на опоравување на економијата, предупреди Лагард.

Таа ја означи еврозоната како „епицентар“ на кризата, но состојбата ја усложнуваат и заканувачките резови во американскиот буџет и забавувањето на конјуктурата во земјите во засилен економски развој. Директорката на ММФ како фактори на ризик ги смета и експлозијата на цените на прехранбените производи, како и нередите на Блискиот Исток.

ММФ во јули веќе ја коригира надолу прогнозата за глобалниот економски раст, во оваа година очекува 3,5 проценти, додека за 2013. година раст на светското стопанство од 3,9 насто. Лагард вчера најави дека прогнозата на ММФ ќе мора уште еднаш да биде коригирана, повторно надолу.