1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лавров: Македонија е партнер на Русија на Балканот

Шефот на руската дипломатија по средбата со македонскиот колега во Москва порача дека двете земји треба да се фокусираат на реализирање на заедничките проекти.

Русија ја смета Македонија за клучен партнер во нејзината мисија за стабилизација на Балканот, истакна шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата во Москва со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

„Имаме историја на добри односи, не постојат отворени прашања. Постојат значајни потенцијали и ние треба да ги фокусираме нашите напори тие да се реализираат“, рече Лавров, подвлекувајќи ја важноста од посилни врски со Македонија, пренесуваaт ИТАР ТАСС и Гласот на Русија.

Тој додаде дека Русија е против прекројување на границите во Европа и особено на Балканот.

„Ние сме против прекројување на границите во Европа. Сите треба да ги почитуваат принципите на Повелбата од Хелсинки. Ова се однесува и на ситуацијата на Балканот“, истакна Лавров.

Шефот на македонската дипломатија Попоски, пак, увери дека Скопје не поддржува национализам и прекројување на границите. Тој додаде дека Македонија претставува добар пример за мултиетнички и мултирелигиски соживот.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien

Никола Попоски

„Државите на Балканот се мали и во нивен интерес е да бараат интеграција и транспарентност“, посочи министерот Попоски.

На средбата тој се заложил за зајакнување на соработката со Русија во економската сфера, можноста за директни руски инвестиции и особено за изградба на крак на гасоводот “Јужен поток” за испорака на гас и гасификација на Република Македонија.

Лавров и Попоски на денешната средба потпишаа и Спогодба за отворање на културни центри во Москва и во Скопје и план за консултации за министерствата за надворешни работи на двете земји.

Попоски оствари средба и со претседателот на Комисијата за меѓународни работи на руската Дума, Алексеј Пушков, како и со митрополитот Иларион, претседател на одделот за надворешни црковни односи на Руската православна црква.