1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лабуништа, меѓу неизвесноста и мирот

Пожарот околу црквата Св. Никола и скрнавењето на православните гробишта внесоа немир во струшкото село Лабуништа. Муслиманите и православните со векови живеат заедно. Но, секој инцидент раѓа страв кај нив. Како натаму?

Завиено во подоножјето на планината Јабланица, Лабуништа со векови било пример на соживот. Последниве децении демографската карта рапидно се менува. Јавно тешко, но потајно и со страв ќе ви признаат, дека се врши тивка асимилација врз Македонците, Македонците муслимани или на Торбешите, како што дел од нив сакаат да се декларираат. Македонците на овие простори исламот го прифатиле по налетот на Турците уште во 15 век. Со последниот попис од 2002 година селото имало 5.936 жители. Од нив 4.288 Албанци, 879 Турци и 371 Македонци, а како останати биле попишани 362 лица.

Кој сака да ги наруши мирот и спокојството?!

Обидите да се опожари црквата Свети Никола и неодамнешното кршење на крстовите во православните гробишта се настани кои внесоа дополнителен страв и меѓусебна недоверба. Прашањата зошто и кој е сторителот се’ уште ги мачат? Отец Ристе Наумоски вели: „Во овие мигови ситуацијата е стабилна. Да го оквалификуваме како изолиран инцидент од некоја група која што никому не ни посакува добро, ниту на муслиманското, ниту на православното население, коешто живее на овие простори. Сметам дека ќе остане така. Нема да дојде до некои поголеми тензии и нарушување на заедничкиот вековен живот“.

Напрсти се бројат венчавките и крштевките во црквата

Otec Riste Naumovski Pfarrer in Labunista bei Struga in Mazedonien

Отец Ристе Наумоски

Лабуништа има три џамии и две цркви. Во црквите, верници се’ помалку: „Македонско православно население во овој момент брои околу 50 активни семејства. Бројката на верници е многу поголема, бидејќи за големите празници доаѓаат лица од Струга и Охрид кои се иселиле од селото. Така во Лабуништа се собираат 200 до 300 православни верници“, вели отец Ристе и додава: „Последната крштевка во Лабуништа беше минатата година. Во моите осум години, колку што сум во Лабуништа имам само шест крштевања и три венчавки“.

Живот зависен од парите на печалбарите

Официјално, речиси никој не сака да зборува за последните настани. Трајче е православен Македонец и ни рече: „Мирно жвееме. Само за ова што се случи, се случи јас немам коментар“.

По слободни проценки сега Лабуништа има околу 8.000 жители. Најголем дел од нив се печалбари или како што ги викаат гурбетчии. Тие се економскиот мотор на селото, кое по многу нешта наликува на мал град. Нови куќи на неколку ката, безброј бутици, полни кафетерии и луѓе кои во последно време секој дојденец го гледаат со резерва, а ги мачат слични проблеми: „Што му недостига? Мир и спокој, егзистенција и работа. Работа има малку. Овде ние сме зависни од печалбарството. Најмногу одовде се на работа во Италија. Тие кога ќе пуштат или донесат пари ние останатите работаме и живнуваме“.

Заборавени од државата, интересни за политиканството

Во Лабуништа речиси сите зборуваат македонски. Но бројот на родители кои сакаат нивните деца во училиште да учат на албански или турски во последно време се зголемува. Дали е лична желба или притисок од некого, не кажуваат.

Под превезот на религијата се претопуваат и луѓето. Лесно е да се биде Македонец, некаде во некој град. Но, овде каде што сте малцинство е стресно. Сите власти последниве 20 години заборавија на мешаните етнички средини и не оставија самите да се бориме за опстанокот, револтирано зборува Трајче. Го прашувам – живеат ли со страв?

„Страв нема. Каков страв повеќе од овој. Ни ја запалија црквата, гробиштата ни ги оскрнавија. Стравот е тој, нема што од друго страв. Ако решат и друго да направат, ќе направат. Ние овде сме само 100 души на 8.000 илјади“.

Лабуништа е само пример. Православните Македонци се помалку ги има и во околните села со мешан етнички состав во струшко, но и по течението на Црн Дрим се’ до Дебар.