1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лабуништа - дали е поважно здравјето или парите?

Жителите на Лабуништа кај Струга бараат спас од каменоломите. Сметаат дека се штетни по нивното здравје. Локалните власти велат дека државата ги дала концесиите и бараат содејство во надминувањето на овој проблем.

Не сме против експлоатацијата на каменот и минералите. Не сакаме да се затворат каменоломите, велат во Лабуништа. Од првиот каменолом од пред 20 години, се намножија, сега ги има три - четири. Единствено бараме да се почитуваат еколошките стандарди и општината и државата да побараат од концесионерите да ги почитуваат законите, а со тоа да не заштитат. „Најголема тежина за овој проблем има Општина Струга која најверојатно не сака да го реши од некои нивни интереси. Каменоломите пречат многу. Граѓаните немаат корист, туку само штета по здравјето“.

Страв од канцер и други болести

Здравјето на луѓето мора да биде пред економскиот интерес на концесионерите и институциите. Жителите на Лабуништа живеат во страв од тешки болести, вели Абдула Ќазимоски советник во Општина Струга од партијата Нова демократија.

Тој е еден од четворицата советници од ова село кои генерално имаат ист став по ова прашање. Но, како што вели надвор од општинската сала не притискаат подеднакво да се реши проблемот. „Лабуништа не е село, туку место за каменоломите. Кога Министерството за економија не се грижи за нашето село, тогаш да им кажеме бујрумте немаме ние никакви бенефиции. Ако нашите животи и тоа што лабуништани го дишат за нив не се важни им велиме повелете беспари ќе ги користите. Така ќе се офајдите многу. Сите кои што имаат потреба од каменолом нека дојдат нека земаат камен од кај нив, но нека не ни прават штета“. Ќазимоски вели дека неколкупати се обидел проблемот со каменоломите да се најде на дневен ред на Советот на општината. Вината ја лоцира во струшката локална власт, во инспекторите за животна средина и во ресорните министерства за економија и екологија. „Тие кои не биле во Лабуништа наутро треба да знаат дека кога ќе се разбудиме покривите на куќите ни се бели, а такви се и автомобилите. Луѓето ја дишат таа белина“.

Според општината каменоломите ги почитуваат законите

Два од трите каменоломи имаат концесии, а за третиот таа постапка е во тек. Сопствениците во целост постапиле според договорот за концесија и законот за животна средина. Тие веќе доставија барања за интегрирани еколошки дозволи со оперативен план, објаснува локалниот инспектор за животна средина Митко Коркутоски: „Таму исклучиво се врши ископ и нема сепарација, со тоа нема емисија на штетна прашина. Само моментално кога ќе се активира динамитот се создава прашина“. И тој вели дека клучот за решавање на проблемот е кај неговите колеги од Државниот инспекторат и ресорните министерства. Потенцира дека мерења на степенот на загаденоста и други параметри по Закон се врши еднаш годишно. Самото мерење не е скапо, но да се има апарати за постојано тоа чини многу, вели Коркутоски. Населението бара да се постават мерни инструменти за амбиентална прашина, бучава и вибрации. Советникот Ќазимоски го цитира Законот за животна средина : „Ако каменоломот има штетно влијание врз животот на луѓето, почвата, ако има регионален пат и води не смее да се копа каменолом. Сите овие четири компоненти кои се пречка за добивање концесија ги има на подрачјето каде што се каменоломите“.

Се чека државата да пресече

Неодамна Советот разгледал информација на општинските служби кои топката ја префлиле на државата, а таа со допис информирала дека со помош на експертите ќе го каже својот збор. Секретарот на Општина Струга Зоран Гулицоски вели дека треба да се почека одговорот од државните органи и не сака да суди пред време кој е во право – концесионерите или селаните. „Ако ги добиеме резултатите од мерењата што треба да ги направи Државниот инспекторат по екологија и ако се покажат пречекорувања над максималната дозволена загаденост, сигурно општината нема да е рамнодушна. Дури ќе побараме и затворање на каменоломите. Се разбира доколку се докаже дека се штетни за околината и пред се за лабуништани“. Дел од жителите на Лабуништа размислуваат правдата да ја бараат на протести.