1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Куќа што можете да ја земете секаде

Да се живее на само еден квадратен метар - за многумина незамисливо, но тие веројатно никогаш не ја виделе куќата на Ејми Меккини. Чудото од куќичка може да се носи кадешто ќе посакате!

„Здраво, јас сум Ејми од Нов Зеланд и живеам два месеца во Берлин во моја куќа.“

Ејми Меккини спие во својата куќа од еден метар квадратен над три недели, најчесто пред еден хостел во берлинската населба Пренцлауер Берг. Таму може да се истушира и го остава својот ранец. Нејзината куќа е толку мобилна што може да ја земе насекаде кадешто оди.

Пред хостелот има и други мини-куќи. Евтино сместување за таканаречените ранец-туристи. Куќите се идеја на Ван Бо Ле-Менцел. Тој бесплатно ги става на располагање плановите за градба на куќа од еден метар квадратен. Да ја изгради мора секој сам.

„Фасцинантното на оваа куќа е што таа не е ништо друго освен конструкција со покрив, врата и прозорец. Во нејзе може да се седи, а кога ќе се преврти на страна, може да се спие. Тоа е идејата, а што луѓето од тоа ќе направат е друга работа, значи како ќе ја заживеат куќата“, вели Ле-Менцел.

Ејми има посебна идеја - куќата ја полни со кафе и кекси. Се надева дека на Александерплац нејзиното најмало кафуле на светот ќе има многу гости.

„Никој не мора да дава, но јас се радувам на донациите, се‘ едно дали станува збор за едно евро, две или помалку. Има и луѓе што ќе ми раскажат виц или нешто ќе ми донесат. Пред се‘, ме интересира како луѓето реагираат на мене.“

Реакциите на Александерплац - љубопитност споена со вчудовидување. Ретко кој се осмелува да се доближи. Новозеланѓанката продолжува. Во населбата Кројцберг се надева на повеќе муштерии и навистина - брзо доаѓа до размена:

„Ова е мојот магазин. Го направив сам, исто како ти куќата. Ти го подарувам“, вели човекот.

„Благодарам“, вели Ејми, а човекот пред куќичката и‘ посакува:

„Добра забава.“

Ејми е задоволна. Нејзината идеја да ја искористи куќата од еден квадратен метар како кафуле се исплати:

„Не е потребно многу место. Овде спијам, работам или седам цел ден со лаптоп, иако куќата е толку мала.“

Ејми планира нејзиното кафуле да го поставува секој ден на различно место во Берлин. Зашто иако не сака богатство, на мали донации сепак се надева.