1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кушнер: решавањето на проблемот со името зависи од Македонија

Шефот на француската дипломатија Кушнер во Европарламентот нагласи - ЕУ останува солидарна со Грција.Словенија и Зелените со поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и став што поскоро да се реши проблемот со името.

default

Бернар Кушнер

Што ќе направи ЕУ за да се реши грчко - македонскиот спор со името? Одговарајќи на ова прашање кое му го постави европарламентарката Ангелика Бер, францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер пред Европскиот парламент призна:

„Како што знаете проблемот меѓу Грција и Македонија е сложен. Го барате од нас невозможното, но сепак невозможното ќе биде сторено и ќе биде предложено од страна Европа.“ Кушнер, понатаму, обелодени дека од страна на ЕУ, поточно од Словенија биле дадени предлози за решавање на проблемот со името, но сега сé зависи од Македонија.

„Потребно е да разговараат. Треба да престане безнадежното чекање на заеднички договор за името. Но тоа зависи само од Македонците. Ние дадовме предлог, нашите словенечки пријатели понудија предлог. Мислам дека во овој момент има сериозни предлози и можеби ќе има напредок. Но за жал, ние можеме само да даваме предлози.“

Не треба да се очекува промена на позицијата на ЕУ

Претседавачот со Советот на ЕУ, притоа беше јасен дека не треба да се очекува промена на позицијата на земјите членки на ЕУ, кон проблемот со името.

„Бидејќи Грција и припаѓа на дваесет и седуммината, ние сме солидарни со неа.“ Одговорот на Кушнер, не им се допадна многу на групата на зелените, исто како и одговорот на еврокомесарот Оли Рен околу забраните за прелетување на македонските авиони над грчкото небо и слетување на нејзина територија. На Европската комисија и се познати грчките опструкции кон МАТ. Тие не се во согласност со Европската заедничка авио зона, и покрај тоа што Грција се' уште не го ратификувала овој европски договор. За Брисел, на административно ниво овој договор е веќе применлив, зашто таква одлука донел Одборот на Европската заедничка авио зона во 2007 година. Комисијата сепак не кажува што ќе преземе Брисел и дали ќе ја казни Атина поради ваквиот однос кон МАТ.“

Зелените и Словенија со поддршка за Македонија

Од групата на зелените во Европскиот парламент се нагласува дека тие ќе продолжат и понатаму силно да ја поддржуваат Македонија, но бараат и воздржаност од нови провокации за да можат поефикасно да и помогнат на земјата во решавањето на спорот со Грција.

Slowenien Wahlen Danilo Türk wird Präsident

Словенечкиот претседател Данило Тирк со јасна поддршка за Македонија

Македонија во Европската Унија ќе може и понатаму да смета на поддршката од Словенија :

„Секако дека Словенија ќе продолжи да биде еден од најпосветените пријатели на Македонија. Така беше за време на нашето претседавање со ЕУ, така беше и претходно, а ќе продолжи и во иднина. Очигледно, имаме идеи како треба да му се пристапи на прашањето за името, но истовремено целосно ја почитуваме водечката улога на ОН и на г-динот Нимиц, кој е претставник на Генералниот секретар на ОН и кој треба да е во центарот на овие напори за постигнување решение. Тој ја има поддршката од многу меѓународни "играчи" вклучувајќи ја и Словенија. Не би сакале да направиме нешто што на кој било начин би ја комплицирало задачата на Нимиц. Сакаме да го поддржуваме и сакаме да го охрабриме да ги искористи неговите идеи, советите кои ги добива од различни страни, за да го реши прашањето за името на Македонија што е можно побрзо. Што се однесува до дискусиите за членство на Македонија во ЕУ, ние го поставивме прашањето најдалеку што можевме, но годината се уште не е завршена и сигурен сум дека втората половина на годината ќе имаме соодветен напредок.“ – рече претседателот на Словенија Данило Турк.





DW.COM