1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Куси бракови и брзи разводи во Македонија

Во 2011 година во Македонија имало 14.736 склучени бракови, а во 2012-та 676 бракови помалку. Во 2011-та имало 1753 разводи, а лани 263 разводи повеќе. Бракоразводи има дури и поради несогласувања на околу име на бебето.

Најновите статистички податоци, кои државниот Завод за статистика ги објави на почетокот од април, повторно укажуваат на се‘ позагрижувачките и интензивни промени што се случуваат во македонското општество во услови на предолга општествено-политичка и економска транзиција и на галопирачка беда на цели слоеви на населението, без оглед на етничката припадност. Во 2011-та година имало 7,2 склучени бракови на илјада жители, а 0,9 разведени брачни заедници на илјада жители.

Несреќни деца од „среќно разведени“ родители

Илија Ацевски од државниот Институт за социологија во Скопје коментира:

„Разводот се доживува значително потешко во посиромашните земји, онаму каде што потешко се наоѓа работа и каде што стандардот е многу понизок. Ако во развиените земји, каде што има просперитет и работа, постојат ’среќно разведени’, во неразвиените општества разводот е решение, кое не е баш најсреќно за поединецот, а особено не за жените: тука веќе се создаваат тие социјални случаи, проблемите околу грижата за децата од разведените бракови и така натаму. Децата од распаднатите бракови врз себе ги носат главните

Eheringe Symbolbild Ehe

Сиромаштијата влијае врз намалувањето на бројот на браковите

последици од распаѓањето на брачните заедници во неразвиеното општество, каде што државата нема механизми, нема установи за згрижување на таквите деца, а нема ниту доволно социјален додаток за нив. Сето тоа остава тешки последици врз натамошниот развој на децата од разведените бракови. Во една високоразвиена и богата Шведска тоа е малку поинаку, но во една сиромашна Македонија последиците се страотни за децата.“

Крсте Маљановски, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на градот Скопје, укажува на причините за развод во македонската метропола: „Нашиот центар постапува во случаите на покренатите постапки пред надлежните судови за развод на оние бракови во кои има малолетни деца. Има голем број причини за барање да се поништат склучените бракови. Не се работи само за прељубата и неверството, тука спаѓаат причините од социоекономски аспект и оние поврзани со транзиционите збиднувања, нерешеното станбено прашање и живеењето со родителите на едниот, или на другиот брачен партнер, алкохолизмот, или наркоманијата, семејното насилство. Сме имале случаи брачни заедници да се раскинат поради банален инцидент: по раѓање на детето брачните партнери не можеле да се договорат околу неговото име! Тогаш Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје, во улога на старател на тоа дете од веќе разведен брак, бил задолжен да му даде име. Во главниот град имаме просечно од 600 – 700 барања годишно за разведување бракови со малолетни деца.“

Сиромаштијата ја одлага, но и ја „штити“ брачната заедница?

Социолошките истражувања покажуваат дека сиромаштијата влијае врз намалувањето на бројот на браковите во Македонија. Младите луѓе прво бараат работа и место за живеење и на тој начин постојано го одложуваат бракот. Но статистиката покажува дека сиромаштијата и ја „штити“ брачната заедница: во сиромашните семејства, кога еднаш ќе се стапи во брак, потоа тој тешко се растура. Разведувањето е неможно токму поради материјалните причини, оти брачниот партнер кој би посакал да „се ослободи“, не би имал каде да оди: во ситуација кога едвај се преживува чувствата се во втор план. Сега не мал број жени во државата сметаат дека не им е потребен сопруг за да го одгледуваат своето дете. Под влијание на „модернизацијата“ во последните години има многу мајки, кои не се во брак.

Професорот Ацевски се надоврзува кон ваквите социолошки анализи со оваа своја паралела меѓу брачните заедници и разведувањата во современите држави во Европа, но и светот, и во Македонија: „Разводите на браковите во развиените држави се должат на еманципацијата на жената и на модерниот начин на живеење. Во општествата на западните земји постои еден вид послободна заедница, која не е толку врзана за законите и за традицијата, туку брачниот живот трае колку и согласноста на брачните партнери. Македонското општество е се‘ уште длабоко традиционално, но и тоа е зафатено со тековите на модернизацијата. Тоа општество ги трпи многу повеќе негативните последици од разводот на бракот. Една од причините за нискиот наталитет во Македонија е и распаѓањето на постојните брачни заедници: кај поединците кои се подготвуваат за брак, се шират убедувањата дека ’помалото зло е да не се влезе во брачни односи’, ’да се стои настрана’. Значи, дека ’поголемо зло би било да се влезе во брак’, па потоа ’да настанат тешки последици’.“

Наместо „принцови и принцези на бели коњи“ – сурова и поинаква реалност

Според „Извештајот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа“ Македонија е земја во која бракоразводните постапки се најбрзи во Европа. Европските земји ги разведуваат двојките во просек за околу 7 месеци, а во Македонија таа постапка трае од 3 до 6 месеци.

Symbolbild Liebe Schere und Ring

Македонија е земја во која бракоразводните постапки се најбрзи во Европа

Во овој контекст Маљановски, кој е психолог по професија, заклучува: „Се приближуваме кон некои европски стандарди и норми на однесување, на брзо живеење, на брзи, дури и непромислени одлуки. Поради тоа што се стапува во брак пред и да се запознаат брачните партнери, кои стапуваат во таа заедница многу бргу, доаѓа до разијдувања и раскинување на заедницата, која може формално да трае и само една година. Набрзина склучените бракови бргу и се раскинуваат. И двајцата брачни партнери, кои стапуваат во брак, мислат дека се ќе биде најубаво, дека се тоа ’принцови или принцези на бели коњи“. Но, излагува дека реалноста е многу посурова и многу поинаква. Ни недостасуваат предбрачни советувалишта, кои би требало да ги има повеќе и малку поголема едукација.“