1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Курц и Штајнмајер разговараа детално за Западниот Балкан

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц на денешните (15.01) разговори во Берлин со својот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер, вниманието го фокусираше на Западниот Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ

Западниот Балкан и интеграциите на земјите од регионот во ЕУ имаа централно место во денешните разговори меѓу шефовите на дипломатиите на Австрија и Германија - Себастијан Курц и Франк-Валтер Штајнмајер.

„Во детали разговаравме за ситуацијата на Западниот Балкан, зашто таа не е подеднаква во различните земји. Долго разговаравме за состојбата во Босна и Херцеховина, во Македонија. И покрај нашите напори, верувам дека не може да се очекува од оваа наша денешна средба да донесеме предлог заклучоци за регионот за Западниот Балкан“, истакна Штајнмајер одговарајќи на новинарско прашање - дали Германија и Австрија договориле заедничка надворешна политика во однос на Западниот Балкан.

Инаку, шефот на германската дипломатија истакна дека Унијата треба да остане доследна на ветувањата за европските перспективи на земјите, но притоа не смее да се изгуби од вид исполнувањето на бараните предуслови.
„За Австрија, Западниот Балкан како регион е посебно интересен не само поради соседството, туку и од стопански и безбедносен аспект. Ние сме силно заинтересирани за стабилноста и убеден сум дека на целиот регион му е потребна европската перспектива“, изјави Курц, додавајќи дека и натаму останува секоја земја да ги исполни критериумите. „Исклучоци не смее да има за ниту една земја од Западниот Балкан“, подвлече тој.

Со своите 27 години Себастијан Курц е без конкуренција најмладиот шеф на дипломатијата во историјата на Австрија и на Унијата. И во Берлин тој остана доследен на своите определби да го форсира интегрирањето на Западниот Балкан во ЕУ. Ова беше тема и на неговите претходни две патувања во Загреб и Брисел, каде по разговорите со комесарот за проширување Штефан Филе посебно го сврте вниманието на австрискиот печат зашто отворено се конфронтираше со Грција поради блокадата на македонските интегративни процеси која трае од 2005-тата година, кога земјата го доби кандидатскиот статус.