1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Курт Вокер бара прием на Македонија во НАТО во Чикаго

Поранешниот американски амбасадор во НАТО изјави дека САД и Европа треба да притискаат Македонија да добие покана врз основа на пресудата од Хаг. Попоски лобира во Вашингтон

default

Курт Вокер

На претстојниот самит во Чикаго, Македонија, сепак, треба да добие покана за членство и на тоа треба да инсистираат и САД и Европа, вели поранешниот американски амбасадор во НАТО и актуелен директор на Центарот за трансатлантски односи при Универзитетот Џонс Хопкинс, Курт Вокер. Во интервју за украинскиот весник „Ден“ Вокер заклучува дека во НАТО повеќе не се дискутира за идејата за проширување и ја наведува Македонија како пример за запрената агенда на проширување на Алијансата.

„Идејата за проширувањето, идејата за една единствена и слободна Европа која ќе ги вклучи сите земји, повеќе не се дискутира. Таа идеја не е повеќе дел од дипломатскиот дијалог, ниту е на масата“, вели Вокер.

Според него, токму бараното членство на Македонија е добра можност да се реафирмира таквата идеја.

„На една од точките каде што имаме можност да ја истуркаме идејата за слободна Европа, а тоа е Македонија, ние тоа не го правиме“.

Вокер во интервјуто објаснува дека Македонија била блокирана од Грција на самитот во Букурешт во 2008. поради спорот со името, но во меѓувреме Меѓународниот суд на правдата во Хаг одлучил дека таквата блокада биле нелегална и дека земјата има право да се зачленува во меѓународни организации под привремената референца ПЈРМ, се‘ додека не се реши спорот.

„Не постои ниту една причина, по одлуката на овој Суд, зошто САД, Европа или НАТО да не притискаат Македонија да биде примена во Алијансата врз основа на таа одлука“, вели Вокер.

Попоски бара поддршка од САД

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien

Никола Попоски

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски кој е во повеќедневна посета на САД, барал од официјални претставници во Вашингтон поддршка за македонската кандидатура на самитот во Чикаго.

На разговорите со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Гордон и со конгресменот Дејвид Прајс, ко-претседавач на Комитетот за демократско партнерство на Претставничкиот дом, Попоски побарал САД да се заложат за ефектуирање на поканата за членство во НАТО, особено во контекст на пресудата на  Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Македонија очекува што побрзо да добие покана за членство во НАТО, базирана на исполнетите критериуми и учеството во мисиите предводени од Алијансата“, рекол Попоски, информира македонското министерство за надворешни работи.