1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Курдските бунтовници од утре почнуваат со повлекување

Борците на Курдската работничка партија од утре ќе почнат да се повлекуваат од територијата на Турција, согласно договорот кој владата во Анкара го постигна со затворениот курдски лидер Абдула Очалан.

Курдската работничка партија ќе го почне повлекувањето на своите сили од Турција утре, на 25 април, изјави синоќа пратеникот од прокурдската Партија за мир и демократија Сири Сиреја Ондер. Според него утре во планината Кандил во северен Иран, каде се распоредeни базите на ПКК, курдските бунтовници ќе одржат прес-конференција, на која се очекува да го прогласат почетокот на повлекувањето од Турција. Ондер истакна дека турската Влада демонстрира волја да ги продолжи напорите за решавање на курдското прашање.

Турскиот претседател Абдула Ѓул изјави дека во процесот на решавање на курдското прашање можат да се постигнат резултати само доколку има „целосно откажување од оружјето не само во Турција, туку и надвор од неа“.

Повлекувањето на курдските бунтовници од Турција беше поставено од Анкара како задолжителен услов за решавање на курдското прашање. Се очекува бунтовниците да ја напуштат Турција без оружје и доброволно, што значи дека полицијата и армијата нема да се мешаат во тој процес, туку само ќе ја контролираат безбедноста. Доколку условите се поволни повлекувањето на активистите од ПКК може да заврши до оваа есен.

Иницијативата на владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган за решавање на курдскиот проблем стартуваше пред неколку години, а кулминираше со договорот кој беше постигнат со затворениот курдски лидер Абдула Очалан минатиот месеци, по кој Очалан ги повика курдските бунтовници да го повлечат оружјето и да ја напуштат турската територија.
За возврат, владата во Анкара вети дека ќе му даде уставни гаранции на курдското малцинство за поголеми културни и политички права во земјата.