1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Курдите и алевитите се сомневаат во демократските намери на Ердоган

„Втора тивка револуција“ - така блиски медиуми до турската влада го нарекуваат пакетoт за демократизација, кој Ердоган го претстави денеска во Анкара. Курдите и алевитите стравуваат дека нема да дојде до значајни промени

Во Турција треба да се засилат религиските слободи, слободата на говор и правата на малцинствата. Тоа е суштинската содржина на реформскиот пакет на конзервативната влада на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Демократскиот пакет беше претставен денеска (30.09.2013) во Анкара од страна на турскиот премиер, кој најави засилени демократски реформи во неговата земја.

Весници блиски до владата, како Сабах и Јени Шафак, најавените реформи ги нарекоа „втора тивка револуција“. Тој поим алудира на една брошура, која неодамна ја објави еден оддел на турското Министерство за внатрешни работи, и тоа под наслов „Тивка револуција“. Вицепремиерот Бешир Аталај објасни дека во таа публикација владата сакала да претстави кои чекори ги презела владата предводена од АКП во минатите 11 години во име на демократизацијата. Тој е член на комисијата која го изработи реформскиот пакет.

Курдите не очекуваат никакви чуда

Selahattin Demirtaş

Селахатин Демирташ фотографиран за време на говорот во Дортмунд

Курдската партија на мирот и демократијата (БДП) гледа со скепса на одредени одредби од пакетот, кои излегоа во јавноста пред неговото официјално претставување. Од оваа партија велат дека не им се чини веродостојно најавеното проширување на правата на малцинствата, како што е, на пример, пристапот до образование на мајчин јазик. Тие порачуваат дека не очекуваат никакви „чуда“ за Курдите. Тоа во медиумите го изјави портпаролот на БДП.

Скепсата меѓу Курдите можеше да се почувствува и на курдскиот културен фестивал во Дортмунд на 22 септември. Селахатин Демирташ, заменик претседател на партијата БДП во Дортмунд изјави:

„И премиерот Ердоган и неговиот портпарол велат: ’Подготвениот пакет е како чудо и полн со изненадувања. Сите ќе останат без текст’. Но, наместо тоа очекувам дека ќе останат без текст поради недоволното демократско разбирање од страна на владата“.

Mehmet Kaya

Мехмет Каја, претседател на Тигриг-центарот за социјални истражувања во Дијарбакир

Многу Курди во Турција стравуваат дека големите очекувања од пакетот на Ердоган нема да се исполнат во доволна мера, вели Мехмет Каја, претседател на Тигриг-центарот за социјални истражувања во Дијарбакир. Тој сепак додава дека тој пакет е значаен за продолжување на мировниот процес меѓу турската влада и Курдите. Каја додава дека треба да се признаат исчекорите на турската влада во последните десетина години по прашањето на Курдите.

Разочарување меѓу алевитите

Од реформскиот пакет би требале да профитираат и алевитите, кои се сметаат за оштетена и запоставена исламска заедница во Турција. Се очекува владата да им излезе во пресрет во областа на религијата, а на нивните духовници, на пример, да им се даде можност да примаат државна плата, а на просториите за молитви да им се даде статус на „верски културен центар“.

Hüseyin Mat

Хусеин Мат, претседател на Алевитската заедница на Германија

16 алевитски организации од Турција, Европа, Северна Америка и Австралија преку писмо и’ префрлија на владата дека таа на алевитите гледа како на некој вид на секта и покрај планираниот пакет за демократизација.

Хусеин Мат, претседател на Алевитската заедница на Германија, се сомнева во искрените демократски планови на турската влада. Тој вели дека во целиот процес на подготовка на пакетот владата не сослушала ниту еден претставник од заедниците на кои тој се однесува.

Алевитите бараат нивните верски духовници да добијат ист статус каков што имаат имамите. Исто така, тие бараат во турските училишта да се одржуваат часови по алевитска веронаука.