1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Куп пари за документите на заменикот на Хитлер

За време на Втората светска војна заменикот на Хитлер, Рудолф Хес отпатувал во Велика Британија за да склучи мировен договор со Лондон. Неговите наводни документи од тоа време сега се понудени на продажба.

Приказната би можела да послужи како предлог за почеток на филм за Џејмс Бонд: еден маж добива анонимен повик. Му се нудат документи кои би можеле да бидат корисни за некои негови „проекти“. Тој треба наредниот ден да оди на едно одредено место каде што ќе ги најде понудените документи. И навистина: на договореното место го чекаат документи од еден високо рангиран нацист.

Оттогаш се поминати околу 20 години. Во таинствените документи има протоколи, преписки и писма од заменикот на Хитлер, Рудолф Хес. Наводно сѐ потекнува од времето кога Хес бил затворен од Британците. Меѓу документите е и нацрт на мировниот договор кој Хес во мај 1941 сакал да го предложи на Британците, во пресрет на германскиот напад на Советскиот сојуз.

Rudolf Heß Dokumente Auktion

Дел од документите понудени за продажба

Таа неверојатна приказна е испечатена на службената страница на аукциската куќа „Александер Хисторикал Аукшанс“. Тоа би требало да поттикне да се купат, бидејќи човекот на кој претходно му биле понудени сега ги продава. Се разбира, анонимно. Почетната цена е помеѓу 500.000 и 700.000 американски долари.

Неонацистите го сметаат за јунак

Толку пари за куп стара хартија? Да, бидејќи кога станува збор за Рудолф Хес не се работи за било кој нацист, туку за еден од најблиските соработници на Адолф Хитлер. Хес во 1941. година патува за Шкотска за да договори со Велика Британија билатерален мировен договор. Понудата гласела: Германците можат да ја заземат Европа, а за возврат Британците можат да ја задржат својата империја во другите делови од светот. Единствено Германија повторно би ги добила своите стари колонии. Но, на Британците не им се допаѓала таа понуда. Заменикот на Хитлер е уапсен и останал во британско заробеништво сѐ до 1946. година, кога е пратен во Нирнберг, каде како воен злосторник е осуден на доживотна казна затвор. Во 1987, на 93 години, извршил самоубиство во затворот Берлин-Шпандау.

Тоа се историски факти. Но, сѐ уште не е потполно разјаснето колку сериозно Рудолф Хес верувал во можноста за склучување на мировен договор со Британците, каква улога имал во нацистичкиот режим и дали Хитлер бил запознат со неговите планови за преговори со Лондон. За време на војната се прогласил за психички болен. На таа основа била и неговата одбрана пред судот за воени злосторства. Но во неонацистичките кругови и ден-денес го слават како јунак од британското заробеништво.

Flash-Galerie Memorium Nürnberger Prozesse

Обвинетите на судење во Нирнберг, во првиот ред од лево на десно: Херман Горинг, Рудолф Хес, Јоаким фон Рипентроп и Вилхелм Кајтел

Лажни или оригинал?

Дали овие нови документи ќе откријат нешто ново? „Историјата во никој случај не мора да биде повторно напишана“, вели Ахим Баумгартен од Сојузниот архив во Кобленц. „Но можеби Рудолф Хес со тие документи ќе биде претставен во ново светло“. Баумгартен смета дека сумата која се бара за тие документи е претерана, но верува дека е можно тие документи навистина да потекнуваат од перото на Рудолф Хес. Аукциската куќа „Бек Милитариа“ пред една година му пратила копии од одредени документи на увид за да утврди дали се работи за оригинал, бидејќи во сојузниот архив се наоѓа комплетната документација за Рудолф Хес и неговите оригинални писма. Баумгартен претпоставувал дека документите кои се понудени на продажба се всушност украдени од британскиот Национален архив. Но тоа, се покажало неточно. Оригиналните документи, кои Хес ги предал на британските дипломати, се наоѓаат во Велика Британија под клуч и на јавноста нема да и‘ бидат достапни пред 2018. година.

Затоа Баумгартен претпоставува дека Рудолф Хес во британскиот затвор направил копии од сите свои документи и дека тие сега се нашле понудени на аукција.

Книговодството на Хитлер на аукција

Баумгартен го споредил ракописот на копиите од документите со оригиналните дописи од Рудолф Хес од Сојузниот архив, и утврдил дека ракописот е ист. Но тој и натаму е внимателен, па смета дека полицијата треба да ги истражи примероците и мастилото на оригиналните документи за навистина да биде утврдена автентичноста.

Deutschland Rechtsextremismus Rudolf Hess Demonstration in Jena

Во неонацистичките кругови го слават Хес како јунак од британското заробеништво

Сојузниот архив со задоволство би ги купил понудените документи, но не за тие пари. „Ние често не успеваме да купиме документи, посебно кога се работи за тие кои потекнуваат од познати нацисти“, вели Баумгартен. Неодамна во САД на продажба било понудено книговодството на Хитлер, но за цена која германските власти не биле подготвени да ја платат. Во Америка од време на време се појавуваат поединечни документи или предмети кои американските војници, стационирани во Германија, по војната ги однеле дома. Нивните наследници ги наоѓаат тие предмети и одлучуваат да ги продадат. Казненото дело кражба веќе е застарено. Затоа Сојузниот архив мора да учествува во наддавањето како и сите други купувачи.

Новиот сопственик на приватната книга за трошоците на Хитлер на Сојузниот архив му понуди копија за 1.000 евра. Ахим Баумгартен се надева дека така ќе биде и со наследството на Рудолф Хес.