1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Куп на Германија: Херта елиминирана од регионален лигаш!

Како за последни настапи во 2005-та, средбите од осминафиналето на купот донесоа неочекувано многу возбудувања

Лусио (Б) и Бајнлих (Х)

Лусио (Б) и Бајнлих (Х)

Пресврти, изненадувања, три решенија во продолжението, три пати со изведување пенали - шармот на куп-натпреварите насекаде, па и во Германија се состои во дуели во кои, како и во легендата за Давид и Голијат, малиот не е без шанси за подвиг.

Синоќа Санкт Паули, член на Регионалната лига север, го победи реномираниот прволигаш Херта со 4 спрема 3. Натпреварот донесе неверојатен пресврт и драматика: гостите од Берлин во првиот дел поведоа со 2 спрема 0. Во тој момент малку кој можеше да претпостави дека домаќинот ќе успее да направи пресврт. Ист тек на работите и во продолжението: кога Марселињо ја доведе Херта во водство со 3 спрема 2, се чинеше се’ е готово, но домашните фудбалери уште еднаш се надминаа себе си и остварија голем подвиг.

„Играта покажа дека денеска на теренот имавме еден апсолутен тим во кој секој се бореше за секого“ – воодушевен беше тренерот Андреас Бергман. Во четвртфиналето нов голем предизвик за Санк Паули: доаѓа Вердер. „Претпоставувам дека натпреварот ќе биде пренесуван на телевизијата, полни трибини, супер-атмосфера. Тоа ќе биде вистински добар почеток на годината“ – вели играчот на Санкт Паули Холгер Станиславски.

Вердер како гостин го совлада Хановер со 4 спрема 1. Резултатот лаже: Вердер поведе дури во 71-та минута, а наредните три гола ги постигна во последните 7 минути од средбата.

Во големото дерби на преполнетиот стадион во Минхен челната двојка од табелата на Бундеслигата Баерн и Хамбургер одиграа добра средба, во која домаќинот победи со голот на Харгрејвс постигнат во продолжението – во регуларниот тек беше 0 спрема 0.

„Со извонреден натпревар си подаривме себе си достоен завршеток на една извонредна година“ – прокоментира тренерот на Баерн Феликс Магат. „Јас веќе по малку се радував на изведувањето пенали, но...такви се Баварците“ – како голманот Саша Кирхштајн веројатно се чувствуваа повеќето играчи на Хамбургер.

Од осум средби само таа во Хановер и дуелот Арминија – Унтерхахинг 2 спрема 0 завршија во регуларните 90 минути.

Минхен 1860 како гостин дури во продолжението обезбеди победа над Фрајбург со 3 спрема 1. Во други дуели решението падна со изведување пенали: Ханза Росток - Кикерс Офенабах 3 спрема 4, Ајнтрахт Франкфурт – Нирнберг 4 сопрема 1, Кајзерслатерн – Мајнц 3 спрема 4.

Божиќ е на прагот, стивнуваат сите активности, па и спортските. Фудбалерите со натпреварите од осминафиналето на купот ги одработија последните обврски за оваа година и сега можат да се одморат, да го прослават претстојниот голем верски празник и со надежи за нови спортски успеси да ја пречекаат новата година. Во неа први официјални настапи ќе ги имаат во четвртфиналните средби од купот на 24-ти и 25-ти јануари, во кои се среќаваат Санкт Паули - Вердер, Баерн – Мајнц, Арминија – Кикерс и Минхен 1860 – Ајнтрахт.