1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Купот на Германија за Баерн и Турбине

Баерн Минхен по 12-ти пат, а Турбине Потсдам по втор пат освојувачи на Купот на Германија. Баерн ја потврди својата доминација во оваа фудбалска сезона, бидејќи претходно го прослави и освојувањето на титулата во првенството.

Балак и Лусио со победничкиот пехар

Балак и Лусио со победничкиот пехар

Во финалето во Берлин Баерн го совлада Шалке со 2 спрема 1, со головите на Рој Макај и Хасан Салихамиџиќ. Победоносниот гол на Салихамиџиќ е постигнат од очигледна офсајд-позиција, но судијата претходно во три наврати тешко го оштети Баерн: не досуди пенал и му поништи – наводно поради офсајд - еден всушност регуларен гол. Конечно, и голот за Шалке, што го постигна Бразилецот Линколн, уследи по престрого досуден пенал.

На реновираниот олимписки стадион во Берлин 75 илјади гледачи не го доживеаја очекуваниот фудбалски спектакл: наместо мајстории и надигрување, борба со многу фаули и прекини на играта. „Секоја година е убаво: атмосферата овде, расположението кај публиката се сензационални. И навивачите на Шалке дадоа огромен придонес кон атмосферата. Едноставно, беше вистински празник. Резултатот е тесен, ова беше голем натпревар и голема борба на обете екипи. И покрај тоа, мислам дека ние заслужено победивме“ – гласи по малку еуфоричната оцена за настаните од страна на Михаел Балак.

Менаџерот на Баерн Ули Хенес беше задоволен што на крајот сепак победи спортската правда: „Победи убедливо подобрата екипа. Во второто полувреме дојде до пресврт, за среќа - и што се однесува до решенијата на судијата, кои во првиот дел беа многу необични. Сепак, и судијата е човек и може да згреши, тој тоа сигурно не го направи намерно. Фала Богу, се’ добро се заврши. Ќе беше лудо да го загубевме натпреварот во кој веќе на полувремето мораше да биде 3 спрема 0 за нас“.

Голманот и капитен на Шалке Франк Рост спортски му призна на победникот: „Радо би сакал да им овозможевме на сите навивачи на Шалке да можат да го кренат победничкиот пехар, но за жал не се оствари. Се’ заедно погледнато, победата на Баерн е заслужена, зашто едноставно беа надмоќни“.

Во ист тон и изјавата на менаџерот на тимот од Гелзенкирхен Руди Асауер: „Се’ на се’, засужена победа на Баерн. Победничкиот гол навистина беше од чист офсајд, но во првото полувреме имаше две спорни судиски решенија во наша полза, кои судијата можеше и поинаку да ги пресуди“.

Во женското финале на Купот реприза на минатогодишната завршна претстава: Турбине од Потсдам го победи тимот на Франкфурт и тоа и со истиот резултат од 3 спрема 0. Пехарот го предаде сојузниот претседател Хорст Келер. За Турбине, пред една недела освојувач и на Купот на УЕФА, ова е втор освоен Куп на Германија. „Пред финалето на Купот на УЕФА реков дека кога би морале сега да играме, би загубиле против Франкфурт. Но, откако победивме во тој натпревар и обезбедивме барем една титула, помислив дека кога можевме да го оствариме тоа, можеме да победиме и во другото финале. Така и се случи“ – вели Надин Ангерер од победничкиот тим.

Репрезентативката Ренате Лингор од поразената екипа на Франкфурт прокоментира: „Би рекла дека ние денеска бевме послабиот тим. Потсдам беше подобар, но морам да кажам дека никогаш не сум ги видела да се служат со толку нефер средства. Не знам дали беа лути што го испуштија првенството во кое два пати загубија од нас. Но, и покрај се’, победија заслужено“.

Рајконен ја испушти победата во Нирбургринг во последниот круг

Големата награда на Европа во автомобилизам формула еден на патеката во Нирбургринг ја освои шпанскиот возач Фернандо Алонсо од тимот на Рено, пред Германецот Ник Хајдфелд во болидот на БМВ-Вилијамс и Рубенс Барикело од Ферари. Трагичер на трката е Финецот Кими Рајконен: возачот на Мекларен Мерцедес на стартот беше побрз од Хајдфелд, практично за цело време беше во убедливо водство и во последниот круг поради дефект на гумата му се скинаа спојките, па излета од патеката. Остана неповреден, но загуби многу важни бодови во трката за титулата, пред се’ поради правилата кои де факто не дозволуваат менување на оштетените гуми, освен ако тие не ја загрозуваат безбедноста. Но токму тоа не е прецизирано – кога една гума е сигурна, а кога не. Сега Алонсо во генералниот палсман води со 32 бода предност пред Рајконен и Трули, и 34 повеќе од Хајдфелд. Екипно Рено има 76, Мекларен Мерцедес 53, а Тојота 44 бодови.