1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Култ или кич фестивал

Од 1956 година наваму, Изборот на песна на Евровизија еднаш годишно ја бара песната што им се допаѓа на сите. По 55 години од нејзиното постоење, Евровизија има култен статус и околу 500 милиони гледачи ширум Европа.

default

Евровизија 2010 во Осло

Во 1956 година европското обединување се` уште беше далеку, а телевизијата тукушто беше пронајдена. Некои национални радио-станици сакаа за првпат да направат нешто заедничко, да го промовираат медиумот телевизија и притоа малку да придонесат за европскиот идентитет. На првата „Гран-при Евровизија де ла Шансон“ учествуваа седум земји. Другите три земји, Англија, Данска и Австрија едноставно го пропуштија рокот за пријавување. На првиот избор, на кој смееја да настапуваат само соло пејачи и песните не смееја да бидат подолги од триипол минути, победи Швајцарката Лис Асија.

Песна која им се допаѓа на сите

Symbolbild Gewinner von Grand Prix Eurovision Song Contest

Групата АББА победи во 1974 година со песната „Ватерло“

Со текот на времето се зголемуваше бројот на учесниците на Гран-при, како што денес најчесто се нарекува, и стана задолжителен за сите телевизиски нации. Но, како да се напише песна која им се допаѓа на сите нации? Изборот на песна разви сопствена попкултура наспроти актуелните трендови. Долго време не беа застапени ни панк, ниту рок или рап. Наместо тоа, се пееја балади како химни, кои со силен мелодичен набој ја опеваа љубовта, мирот и единството. Тогаш секоја земја мораше да настапува на својот јазик, па така на јазичен план имаше некои куриозитети. Секој можеше да ги пее песните како „Бум Банг а Банг“, „Ла Ла Ла“ или „Динг-А-Донг“, но тие беа спротивни на било која лирска амбиција.

На 6 април 1974 година беше направен голем исклучок од правилата на Гран-при. Со светкава гардероба и песната „Ватерло“, која за Евровизија беше премногу рок и премодерна, започна светската кариера на еден од најуспешните поп-бендови воопшто. АББА од Шведска во англискиот град Брајтон победи со мала предност, но нејзиниот успех во светот кој следеше во истовреме беше и отскочна штица за успесите на бројни бендови од неанглиското говорно подрачје на Европа.

Новите учесници воведоа новитети

Deutschland Musik Komponist Ralph Siegel

Германскиот композитор Ралф Зигел

Г-дин Евровизија, е титула која во секој случај ја има заслужено германскиот композитор Ралф Зигел. Меѓу 1974 и 2009 година тој учествуваше со 19 песни на европскиот избор за песна. Негов најголем успех во истовреме беше и единствениот број еден во Германија досега. Тогаш 17-годишната Никол победи на изборот во 1982 година со песната „Малку мир“, успех кој Германија не успеа да го повтори.

По расцепувањето на Источниот блок и распадот на Југославија, Изборот на песна на Евровизија доби бројни нови земји-учеснички. Нациите од Западна Европа пред тоа се договараа меѓу себе, а сега се малцинство или дури под доминација на Источна Европа и Балканот. Сепак бројните нови земји во изборот внесоа различни музички новитети како етно-елементи и тенденцијата за екстравагантни сценски настапи. Тоа и` беше јака страна на пејачката Руслана од Украина, победничката од 2004 година со нумерата „Див танц“.

Можен е успех за Германија

Deutschland Norwegen Eurovision Song Contest Lena Meyer-Landrut

Претставничката на Германија Лена Мајер-Ландрут

Во меѓувреме се зголемуваат критиките за начинот на кој се добиваат поени. Само поради бројот на источноевропските земји кои меѓусебно си делат поени, за многу западноевропски земји е невозможно да победат. На овогодинешниот Избор за песна на Евровизија учествуваат 39 земји и поради тоа мора да има две полуфинални вечери.

Според англиските обложувалници, годинава Германија би можела да го повтори успехот од 1982 година. Се` уште се обложуваат за Лена со нејзината песна „Сателит“, која во споредба со другите 38 кандидати, од кои голем број како и секогаш се одлучуваат за старата добра Гран-при театралност, нејзината песна значително се издвојува од масата. Малку успех би и` годел на Германија, која минатите години редовно го освојуваше последното место. Да почекаме, или како што вели Лена: „Меѓу првите десет би било убаво!“

Автор: Матијас Клаус / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска