1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Културен календар за февруари

Годината само што започна, а на културната сцена во Германија се слави. Јубилејни родендени во уметноста и во филмот, феноменални филмски хитови во Берлин и да не заборавиме карневалот во Рајнската област.

Холивудски сјај во Берлин

01.2012 DW Berlinale Talent Campus 2012

Плакат за годинешниот „Камп за таленти“ на Берлиналето

Меѓу светските ѕвезди таа важи за една од најсеобразните и најталентираните актерки. Мерил Стрип глумела во преку 40 филмови, 16 пати била номинирана за Оскар. На 14-ти февруари четирикратната оскаровка на 62-то Берлинале ќе ја добие Златната мечка за животно дело. Меѓутоа, таа не е единствената светска ѕвезда, која ќе гостува на Меѓународниот филмски фестивал од 9-ти до 19-ти февруари. Меѓу другите во Берлин ќе допатува и холивудската дива Анџелина Џоли за да го презентира нејзиното режисерско деби „Во земјата на крв и мед“, филм за војната во Босна и Херцеговина, за кој таа го има напишано и сценариото. Околу 400 филмови ќе бидат прикажани на Берлиналето, претежно светски и европски премиери. 16 филмови пак конкурираат за наградите на фестивалот златната и сребраната мечка.

Минатата година светска премиера во Берлин имаше 3Д филмот на германскиот режисер Вим Вендерс за прочуената кореографка Пина Бауш. Сега тој филм е кандидат за Оскар од неанглиско говорно подрачје. На 26-ти февруари во Холивуд по 84-ти пат ќе бидат доделени најпрестижните филмски награди во светот.

100 години на германската фабрика на соништа

Szenenbild Filmstill Wer ist Hanna

Сцена од филмот „Хана“ , снимен во студијата Бабелсберг кај Берлин

Марлен Дитрих, Хајнс Риман, Кристоф Валц или, пак, холивудските ѕвезди како Кејт Винслет, Том Круз, Брет Пит. Сите тие стоеле пред камерата во најстарата фабрика на соништа во светот. На 12 февруари филмските студија Бабелсберг ќе прослават 100 години постоење и тоа раскошно. На 62-то Берлинале стдујата Бабелсберг не само што ќе го добијат признанието „Камера на Берлиналето“, туку ќе претстават и специјална серија од 10 играни филмови. Инаку се’ започна пред сто години со снимањето на немиот филм на Урбан Гад „Мртовечки танц“ . Точно со јубилејот прочуените берлински филмски студија започнуваат со снимањето на досега најскапиот германски филм „Атлас на облаците“, во кој настапуваат холивудските ѕвезди Том Хенкс и Хали Бери. Меѓутоа досега најобемна продукција бил легендарниот нем филм „Метрополис“. Режисерот Фриц Ланг на гигантските кулиси на студијата Бабелсберг изнесол преку 36 илјади глумци и статисти.

На врвовите на уметноста - 80 години Герхард Рихтер

Gerhard Richter Neger (Nuba) AUSSCHNITT

Масло на платно „Црнци“ од Герхард Рихтер

Најпрочуениот германски современ уметник може на својот 80-ти роденден на 9 февруари да биде горд на своето сеопфатно и многупати наградувано творештво. Затоа не зачудува што Новата национална галерија во Берлин својата јубилејна изложба ја нарекува „Герхард Рихтер Панорама“. На неа можат да се видат преку 150 дела од сите творечки периоди на уметникот, меѓу нив и прочуеното дело „Ема - акт на скалила“ од 1966-та година. Националната галерија ја организира изложбата заедно со „Тејт Модерн“ од Лондон и со центарот „Помпиду“ од Париз. Конечно Герхард Рихтер е меѓународно познат и ценет. Многу историчари на уметноста го сметаат и за еден од најважните сликари воопшто. Меѓутоа, тој воопшто не размислува за пензионирање. Берлинската изложба може да се погледа од 12-ти февруари до 13-ти мај.

Саемот ВИП арт - купување на уметност со клик

VIP Art Fair LOGO

Логото на саемот ВИП арт

Посетителите на овој саем можат да се поштедат од долги патувања, скапи хотелски трошоци и уморни стапала. Од 3-ти до 8-ми февруари по вторпат се одржува Меѓународниот онлајн саем на современа уметност. За ВИП - Арт саемот веќе се имаат пријавено 100 галерии од 32 земји, кои нудат уметнички дела со цена меѓу 500 и преку еден милион евра. Меѓу нив се наоѓаат познати галерии како Звирнер од Њујорк, Вајткјуб од Лондон, Ропак од Париз и Хецлер од Берлин. Во минатата година околу 40 илјади вљубеници во уметноста од 196 земји кликнаа на сајтот на интернет саемот, за да погледаат преку 200 уметнички дела и да купат некои од нив.

Најголемиот саем за образование

Didacta Bildungsmesse

Саемот „Дидакта“ годинава се оддржува во Хановер

Дури и ако т.н. е-учење е целосно во тренд, најголемиот саем за образование во Европа, „Дидакта“ годинава се осврнува на непосредниот контакт. Од 14-ти до 18-ти февруари во Хановер ќе бидат отворени вратите за бројни учители, воспитувачи, наставници, образовни тренери и професори. Со околу 200 предавања и реферети „Дидакта 2012“ е најсеопфатна манифестација за педагошко усовршување. Експертите ќе дискутираат меѓу другото и за решенијата за надминување на недостатокот од стручњаци во Германија. Во фокусот сепак се наоѓа и темата е-учење односно настава преку интернет, која има сопствен саемски простор. Повеќе од 700 излагачи овојпат се презентираат во саемските хали во Хановер. Притоа се очекуваат најмалку 75 илјади стручни посетители.

Карневал 2012

Deutschland entdecken Archiv - Karneval

Карневалска поворка во Келн

„Секоја година одново“, би можело да се каже за карневалот во Рајнската област во Германија. На средината на февруари тој влегува во „жешката фаза“, се' до среда пепелница на 22 февруари, кога свечено ќе биде означен неговиот крај. Таа започнува со т.н. Вајберфастнахт, (четврток, 16 февруари) кога жените ја преземаат командата, односно женските карневалисти со ножици им ги отсекуваат вратоврските на мажите и ги земаат во свои раце клучевите на градските општини. Потоа, во „жариштата“ на карневалот - градовите Келн, Мајнц и Диселдорф, на улиците и плоштадите буквално настапува лудило. Неколку дена и ноќи, се’ до кулминацијата на т.н. Розенмонтаг се' е во знакот на забавата, пиењето и пеењето и се разбира најважното - маскирањето.

На Розенмонтаг (понеделник, 20 февруари) низ споменатите градови, но и многу други места во Рајнската област, минува традиционалната карневалска поворка, која е проследена од милиони луѓе на лице-место, но и на телевизиските екрани. Карневалот завршува на среда пепелница, на разочарување на многумина, кои сепак веднаш го вртат погледот кон новото „петто годишно време“, како што уште се нарекува карневалот во градовите на Рајна.

Автор: Сабине Дамашке/Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска