1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Културен календар за мај

Мај во Германија ветува многу - не само убаво време, туку и богата културна програма. Фестивалите, празниците и јубилеите привлекуваат многу обожуватели на филмот и на уметноста но и многу други посетители.

default

Меѓународни денови на краткиот филм во Оберхаузен

*** Achtung: Nur für Kulturkalender Mai 2011 verwenden *** Kurzfilmtage Oberhausen: Vertical Distraction


Кога одите во кино обично седнувате во удобната столица, понекогаш купувате пуканки и пијалок, и се подготвувате да се задлабочите во најавениот филм. Но, на Меѓународните денови на краткиот филм во Оберхаузен тоа е поинаку. Имено, некои филмови се толку кратки што посетителите мора да побрзаат со задлабочувањето во филмот и со пуканките, оти најкраткиот филм трае само 13 секунди! Краткиот филм важи за експериментална област во филмската бранша, и поради тоа голем е изборот на пријавените филмови. Од 5 до 10 мај на фестивалот ќе бидат прикажани над 470 кратки филмови, од кои 141 филмови во натпреварувачкиот дел на фестивалот. Но, со тоа не завршува културната програма во мај. На почетокот од месецот во Штутгарт се одржува популарниот Фестивал на цртени филмови (02-08.05), речиси во истовреме во Минхен се одржува Фестивалот на документарниот филм „ДОК.фест“ (04-11.05), а потоа следи и меѓународниот Филмски фестивал во Кан (11-22.05). Овој фестивал не се одржува во Германија, но прашањето кои се добитниците на златните и на сребрените палми и тука го привлекува вниманието на медиумите.

125 години Кудам - подемот и падот на познатата улица

Flash-Galerie Wertheim am Kurfürstendamm Foto und Text 1993


Курфирстендам, општо позната како Кудам, порано беше прекрасна улица. Таму се среќаваа уметниците и припадниците на повисоката класа, шетаа, одеа во театар, кино или во некое од бројните кафулиња. Тогаш, во 20-те години беше блескавиот период на булеварот. Но, потоа дојдоа националсоцијалистите, Втората светска војна и најпосле изградбата на Берлинскиот ѕид. Западен Берлин стана еден вид остров во средината на источниот блок, а Кудам стана „излог на Западот“. Наредниот пресврт следуваше во 1989-1990 година, со паѓањето на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија. Тогаш се‘ течеше кон Источен Берлин, туристите, парите. Истокот беше во мода, Западот не беше интересен. Во наредниот период Кудам рапидно пропаѓаше, продавниците и куќите беа празни, сликата стануваше се‘ подепресивна. Но, во изминатите неколку години можеше да се забележи враќање на стариот сјај. Повторно се инвестира, Кудам е повторно центарот на случувањата, точно на 125-от роденден. 5 мај е роденденот на Кудам, денот на кој во 1886 година таму е пуштен во употреба трамвајот на парен погон. Тогашниот канцелар на Гермснкиот рајх Ото фон Бизмарк дал налог за изградба на улицата по урнек на авенијата Шанзелизе во Париз.

Театарска средба - овојпат со слободната сцена

*** Achtung: Nur für Kulturkalender Mai 2011 verwenden *** Theatertreffen Berlin: She She Pop, Testament


Годинава се‘ е поинаку, пишуваа весниците во Германија кога во февруари беа објавени претставите поканети да учествуваат на Театарската средба во Берлин (06-22.05). Секоја година жирито составено од театарски критичари ги избира десетте „највпечатливи“ претстави на германски јазик на годината. Големото изненадување е што од големите германски театарски куќи овојпат учествува само Келн. На средбата не се поканети, на пример, Германскиот театар од Берлин, Театарот Талија од Хамбург, како и Камерните игри од Минхен. Но, затоа овојпат се поканети три претстави од слободната театарска сцена, што е обид на жирито да ги оспори обвинувањата дека не обрнува доволно внимание на слободниот театар, кои не стивнуваа изминативе години. Една од поканетите претстави е од Кристоф Шлингензиф, кој почина во август минатата година, што е еден вид постхумно признание. Речиси во истовреме, но далеку од Берлин, во мај се среќаваат претставниците од театарската сцена која во Германија понекогаш наидува на потешкотии. Во регионот на Нирнберг и Ерланген годинава повторно се одржува Меѓународниот фестивал на куклениот театар. Додека куклените претстави во Азија или во Африка имаат долга традиција, уметниците од оваа област во Германија често мора да се борат против имиџот на претстави за деца. Но, овој фестивал има свои обожаватели, на минатиот фестивал во 2009 година имаше околу 25.000 посетители.

Сеќавање на Јозеф Бојс

*** Achtung: Nur für Kulturkalender Mai 2011 verwenden, sonst Rechteproblem *** Joseph Beuys


На 12 мај се навршуваат 90 години од раѓањето на светски познатиот уметник Јозеф Бојс. Јубилејни родендени се добар повод за специјално оддавање почит, па така Фондацијата музеј во дворецот Мојланд, каде се наоѓа најголемиот архив на делата на Бојс во светот, организира сопствена изложба на фотографии (03.04-03.10). Бојс важи за еден од најфотографираните германски уметници. Во архивот, кој како институт претставува дел од Уметничката академија во Диселдорф, има околу 7.000 фотографии од него и неговите дела. Овие примероци ги собирале Ханс и Франц Јозеф фан дер Гринтен. Браќата беа блиски пријатели со Бојс од 50-те години, и тој во текот на животот постојано им испраќал документи, писма, статии од весници или снимки. Повеќето фотографии од неговите акции се познати. Но, на изложбата во дворецот Мојланд може да се видат помалку познати фотографии со неговиот портрет, на кои Бојс во одреден дел се исценира себеси, и кои на посетителите треба да им го доловат чувството како тој влијаел врз луѓето.

Лена и Изборот за песна на Евровизија

Flash-Galerie Lena Meyer-Landrut Unser Song für Deutschland

Помина речиси една година откако цела Германија беше во „Лена треска“. Во 2010 година тогаш 19 годишната Лена Мајер Ландрут со песната „Сателит“ победи на Изборот на песна на Евровизија, меѓународниот музички натпревар , кој пред телевизиските екрани привлекува повеќе од 50 милиони гледачи. Германија ја освои титулата по вторпат, 28 години по успехот на пејачката Никол со песната „Малку слобода“ или во оригинал "Ein bisschen Frieden". Правилото вели дека земјата победник го организира натпреварот наредната година. И овојпат на ред е Германија. Изборот падна на градот Диселдорф, каде беше реконструиран стадионот за да ги исполни барањата на организаторот на манифестацијата. Карти за финалето на 14 мај меѓутоа нема повеќе. 35 илјади карти беа продадени во рок од неколку часа. За Германија годинава повторно ќе настапи Лена. Тоа не беше изгласано по демократски пат туку едноставно одлучено. Дали на Лена ќе и успее да ја одбрани титулата? Многумина го сметаат тоа за неверојатно.

Месец на традиции

Maibaum bunt flatternd


Мај во Германија е посебен месец. Не само поради тоа што конечно е малку потопло , туку и поради неговите бројни традиции. Како прво тоа е „Со танц во мај“ , изворно селски фестивал на кој со музика и танц се дочекувал месецот мај и кој во католичките региони во Германија се славел со векови наназад . Некогаш тој служел за тоа локалните ергени да си најдат партнерка - долго пред времето на интернет и берзите за лични контакти. Доколку ергенот го освоел срцето на најљубената , пред нејзината куќа ставал шарено накитена гранка од бреза, т.н мајско дрво. Тоа требало да ја израдува избраната но и да биде знак за одвраќање на конкурентите. Такви мајски дрва можат да се видат и денес и тоа не само во провинцијата туку и во големите градови како на пример Келн , и тоа прицврстени на уличните светилки, на балконите или на автоматите за паркинг кај домовите на љубените.

Малку подоцна во мај односно секогаш во втората недела од месецот се прославува Денот на мајката. Тој празник потекнува од САД а се слави во Германија од 1923 година. Нацистите, кои пропагирале слика на мајка родилка и жртва за семејството, подоцна сакале да го укинат празникот, меѓутоа Денот на мајката го преживеал и тоа , на радост на цвеќарите, зашто букетите се особено барани на овој ден.

Автор: Петра Ламбек / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски