1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Културен календар за декември

Годинава е пред крај. Свеќи, колачи и божиќни песни. Но дури и ако во декември доминира божиќното расположение, сепак Германците на културен план, во последниот месец од годината, ги очекуваат и други занимливи нешта.

default

На шести декември доаѓа Николаус


Adventskalender Bild 11

Дедо Мраз или Николаус? За да се одговори точно треба само да се погледне во календарот


Двајцата се толку слични што можат и да се помешаат: Бела долга брада, голем стомак, црвена наметка и на грбот голема торба со подароци - Николаус и Дедо Мраз. Но кој е всушност кој? Историјата е малку комплицирана. Личноста на свети Николаус, како што во Германија се нарекува Свети Никола, архиепископот од Мира, Ликија, не` води во далечното минато. Тој бил познат по својата љубов кон ближните и за него со текот на вековите биле исковани бројни легенди. Меѓу другото, тој важи и за светец-заштитник на децата. На 6 декември во Германија секоја година се празнува денот на овој светец, децата кои биле послушни и кои ги оставиле нивните чевли пред врата претходната ноќ, наоѓаат во нив слатки, лешници и други закуски, кои ги оставил Николаус.

Дедо Мраз, наспроти тоа, е лик кој потекнува од 19 век и три недели подоцна, на 24 декември, го прави повеќе или помалку истото. Тој е еден вид премоделиран Николаус за Бадниковата вечер.



Објавување на новата ПИЗА-студија

Flash-Galerie Literaturfestival Leipzig liest

Колку е добар германскиот образовен систем? Кога во 2001 година беше објавена првата ПИЗА студија, односно истражувањето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во кое беше споредено знаењето на 15-годишни ученици од повеќе земји, Германија мораше да подголтне. Реултатот беше исклучително лош, возбудата голема, а во медиумите се провлекуваше терминот „ПИЗА-шок“. Студијата, оттогаш наваму, излегува на секои три години, а најновата ќе биде објавена на 7 декември. Главна тема овојпат е читањето. Колку студијата навистина кажува за квалитетот на образовниот систем е спорно. Она што го знае еден ученик, зависи од многу фактори и разликите во знаењата, поради тоа, не можат да се образложуваат единствено преку образовниот систем, гласи еден од аргументите на критичарите. Но, и покрај тоа, од објавувањето на студијата очите на многумина се вперени во Финска, која редовно има извонредни резултати. Дали, сепак, тајната лежи во образовниот систем? Во Германија веќе долго се дискутира за тоа. Но, без оглед каков и да излезе одговорот едно е во секој случај сигурно: студијата ПИЗА дава многу штоф за дискусија.

Наполеон и Французите



*** ACHTUNG: Nur für Kulturkalender Dezember 2010 verwenden!!! *** Napoleon-Ausstellung Bundeskunsthalle Bonn

Односот кон сопствената историја не е секогаш лесен. Кој всушност подобро го знае тоа од Германците? Во случајот на Франција, изгледа дека истото важи за односот кон Наполеон. Многумина Французи изгледа не се многу горди на империјалистичките побуди на нивниот несомнено најпрочуен владетел. Во Франција е навистина тешко да се организира изложба за Наполеон, вели портпаролот на музејот Бундескунстхале во Бон, која се покажува отворена за оваа тема. Од 17 декември таму ќе биде прикажана изложбата „Наполеон и Европа. Сон и Кошмар“, во која меѓу другото треба да биде одговорено на прашањето - кој всушност, бил Наполеон и како му успеало да прерасне во толку голема личност и со тоа да оствари долгорочно влијание врз историјата на Европа? На изложбата можат да се видат оригинални документи, многу уметнички слики и типични предмети од секојдневието на Наполеон. Кураторка на изложбата е францускиот научник Бенедикт Савој, која предава историја на уметност на Техничкиот универзитет во Берлин. Изложбата потоа, сепак, ќе може да се види и во Франција: од мај до јуни 2012 година, во Музејот на армијата во Париз.


25 години „Линденштрасе“

*** ACHTUNG: Nur zur Berichterstattung über 20 Jahre Lindenstraße verwenden!! *** Szenenfoto aus der Serie Lindenstraße

Сцена од серијата „Линденштрасе“

Вкупно 1306 епизоди. Има ли некој кој ги изгледал сите? Секако. Четвртина век телевизиската серија „Линденштрасе“ ја воодушевува германската публика. Таа се одигрува во Минхен и раскажува за луѓето кои живеат на „Улицата на липите“. Значи, едно парче германско секојдневие на телевизија. Серијата, која за првпат беше емитувана на 8 декември 1985 година, и која важи за прва германска сапунска серија, на почетокот постигна умерен успех. Но, со текот на времето таа стекна култен статус и многумина денес не можат да го замислат телевизискиот пејзаж без „Линденштрасе“. Некои актери од првата серија се` уште настапуваат во неа, меѓу нив и Мари Луизе Марјан, која ја игра Мајка Бајмер и со тоа во германската јавност го стекна статусот „Мајка на нацијата“. Темите во серијата се најчесто дневно актуелни, на пример ако во Германија се одржуваат избори, и во „Линденштрасе“ се гласа; ако божиќното расположение ја заплиснува Германија, во Линденштрасе се поставува божиќната елка итн.

По повод 25 годишниот јубилеј, обожавателите на 11. декември ќе можат да се израдуваат на „Петтата култна вечер на Линденштрасе“. Овојпат нема да се репризираат стари епизоди, туку за оваа пригода е снимена специјална епизода, а по неа познати обожуватели и актери ќе говорат за феноменот „Линденштрасе“.

Големи имиња на кино-платното

The Tourist Film Flash-Galerie

Џони Деп и Анџелина Џоли во филмот „Турист“

Во булеварските весници и на трач-сајтовите на интернет долго се шпекулираше за новиот филм на Флоријан Хенкел фон Донерсмарк. Во 2007 година германскиот режисер за својот дебитантски филм „Животот на другите“ го освои Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Согласно тоа, големи се очекувањата од неговото ново дело „Турист“ кое ќе започне да се прикажува во германските кина на 16. декември. Меѓутоа, не само името Донерсмарк ќе ги привлекува луѓето во кино, туку и актерската екипа во филмот. Имено, германскиот режисер за своето второ филмско остварување во екипата ги има големите холивудски ѕвезди Анџелина Џоли и Џони Деп. „Турист“ е трилер, чие дејство се одигрува во Венеција и во фокусот е Американецот Френк, кој го игра Џони Деп, и кој станува цел на руски убиец, бидејќи се заљубува. Во кого? Во убавата и таинствена Елис, која ја игра Анџелина Џоли.

Само една недела подоцна во кината ширум Германија следува уште една филмска премиера од прочуен германски режисер. На 23 декември започнува да се прикажува филмот „Три“ на Том Тиквер, траги-комедија за еден љубовен триаголник. Филмот ја раскажува приказната на двојка од Берлин, во која двајцата партнери се вљубуваат во ист човек. Светската премиера на филмот беше на Филмскиот фестивал во Венеција, каде беше прикажан во рамките на натпреварувачката програма, но не успеа да освои награда.

Адвентите и Божик, и дочекот на новата 2011 година



Silvester 2009 2010 / Deutschland / Berlin



Обичаи, традиции, музика, песни. Предбожиќното време и Божик се длабоко вкоренети во германската култура. Значајно место заземаат адвентите, како подготовка за празнувањето на Божик, кога се слави раѓањето на Исус Христос. Во многу домови во овој период на масата стои т.н. адвентски венец.

Традиција која ја воспоставил теологот од Хамбург Јохан Хинрих Вихерн, со која сакал на децата да им го скуси времето за чекање до Божик. На секоја од четирите недели пред Божиќ, наречени адвентски недели, се пали по една голема бела свеќа на адвентскиот венец, а на секој од деновите помеѓу по една мала црвена свеќа. Некои театри во Германија во ова предбожиќно време канат секојдневно од 1 до 24 декември на претстави од Адвентскиот календар. Секој ден се отвора една вратичка зад која се крие изненадување. Се читаат песни, приказни, се танцува, музицира, се пее... и така се` до Божиќ. А непосредно потоа доаѓа и дочекот на новата 2011 година. Во Берлин, на пример, повторно е најавен величенствен огномет кај Бранденбуршката капија, како минатата година.

Автор: Петра Ламбек / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска