1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Културата се враќа во Ирак, а нормалното секојдневие?

На враќањето на нормалното секојдневие во Ирак очигледно ќе почекаме уште подолго. Има меѓутоа и такви кои не сакаат да чекаат, туку и покрај сите ризици за сопствената безбедност ги ползуваат изменетите услови во земјата и се обидуваат самите да донесат парче нормален живот. Така, Ирачанецот Калид Ал Маали, кој веќе цели 25 години живее во Келн, деновиве отвори филијала на својата мала издавачка куќа во Багдад.

Во работната соба на калид Ал Маали во Келн владее креативен хаос: двата сина на поетот и издавач по потекло од Ирак се врткаат постојано околу него; секои неколку минути пристига некаков факс; на екранот на компјутерот треперат почетни стихови на некоја песна, а на работната маса, во регалите, па и на подот – книги, книги и уште книги!

“Овде е тешко да се зборува за профит, не заработуваме речиси ништо, но за сега сепак се одржуваме над вода“ - појаснува Калид. Пред 11 години тој ја основаше издавачката куќа “Ал Камел“ , како претпријатие со само еден вработен. Во Германија книгите ги печатеше со мал тираж од по само 200 примероци, по ниски цени, колку да се покријат основните трошоци. Калид сакаше само неговите сонародници од арапскиот свет да дојдат во контакт со оние дела на класичната и модерната литература, кои и самиот радо ги чита.

Во 1994-та тој се реши да ја префрли печатницата во Бејрут за да биде поприсутен на арапскиот пазар на книги. Со овој чекор тиражот на новите изданија порасна дури за 10 пати, а денеска неговата издавачка куќа има програма што содржи дури 160 дела. Меѓу нив и критички настроени дела на класични арапски поети, кои подлежат на цензура, како што се Ибн-ал-Хаѓаѓ-ал-Багдади или Абу Хукаима. Нивните еротски ориентирани текстови, кои потекнуваат дури од првиот век по Христа, беа отфрлани како непристојни.

Калид Ал Маали се ориентира кон дела надвор од меин-стримот и во модерната арапска литература. Тој така издава дела на ирачки Евреи, кои се преведени од хебрејски, или пак остварувања на египетската авангарда преведени од француски. Една од главните програмски точки на неговата издавачка куќа се 40-те дела на германски автори:

“Имаме романи и поезија. Освен тоа почнавме и со социолошки и филозофски дела, со историски и религиозни“ - вели Калид.

Меѓу нив се наоѓаат и автори како Гинтер Грас, Криста Волф, Ханс Магнус Енцесбергер, Кристијан Моргенштерн, Јирген Хабермас и Фридрих Ниче.

Сите овие дела сега се присутни и во Багдад и тоа по половина цена од вообичаената:

“Многу е важно таму книгите да се едноставно опремени. Јас бев таму и видов колку се сиромашни книжарите. Ирачаните долго немаат видено вистински книги, тие имаа само фотокопии што речиси се распаѓаат. И весниците и другите списанија се на ниско ниво по содржина и по опрема, но тоа мора и да се разбере зашто условите се многу тешки“ - појаснува Калид Ал Маали.

Тој е меѓутоа одушевен од фактот што во Багдад има толку многу книжари. Наспроти тешката финансиска ситуација, продажбата на книги бележи значителен пораст, бидејќи Ирачаните имаат огромна потреба да го надокнадат сето она што го пропуштиле во долгите години строга цензура:

“Затворените, скришни регали, каде со години се наоѓаа забранети книги, сега се едноставно отворени. Тоа е сосема поинакво чувство за тамошните луѓе!“

Ситуацијата во неговата татковина Ирак значи сепак се менува, но тоа не значи дека Калид нема повеќе проблеми со цензурата во арапскиот свет. Минатата година во Кувајт беа забранети дури 60 дела на неговата издавачка куќа, пред се затоа што посредувале премногу модерна слика за арапската жена. Неодамна група кувајтски парламентарци од радикално исламистичка ориентација дури покренаа кампања против него, што резултираше во забраната за учество на меѓународниот Саем на книгата во овој емират. Запрашан дали поради сето тоа се стравува за својот живот, Калид Ал Маали одговара:

“Од секогаш се плашевме, дури и овде во Германија. Порано дури повеќе се плашев. Можеби е тоа налудничаво, но си мислам, јас патувам низ животот и на тој пат може сешто да ме снајде. Човек не може да побегне од својата судбина, нели!?!“