1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Културата помага за полесно соочување со секојдневните проблеми

Македонија од буџетот издвојува средства за културен развој на помалите места. Се финансираат манифестации како „Град на културата“, со цел децентрализација на културата. Има ли ефекти?

Што донесе дисперзирањето на културата? Постои ли интерес кај граѓаните за проследување на концертите, театарските претстави, изложбите...? Од Министерството за култура на Македонија, за искуствата од изминатите години велат: „Поддршка имаме од експертската јавност, која се согласи дека секој потег за дисперзија на активностите од областа на културата е од голема полза за националната култура. Токму затоа и во иднина остануваме доследни на нашите заложби да ја дисперзираме културата во сите делови од Република Македонија“, вели за Дојче веле потпаролот на Министерството за култура, Анита Јованоска.

Дали се работи за собирање политички поени или оваа интенција има и практични резултати?

За искуствата разговаравме и со двајца културни работници. Роберт Вељановски е актер, вработен во Драмскиот тетар во Скопје. Тој смета дека во Македонија малку се присутни иницијативите за приватно спонзорство во областа на културата, па така ваквите манифестации овозможуваат културните случувања да бидат достапни и за местата кои инфраструктурно, кадровски и материјално не се на нивото на поголемите градови: 

Symbolbild Kultur

„Министерството за култура е речиси единствениот финансиер на проектите од областа на културата. Од друга страна, буџетот на Министерството се полни од даноците на граѓаните. А, данок се плаќа и во Скопје и во Дебар и во Кочани и во Гевгелија. Преку овие манифестации, на граѓаните од овие градови им се овозможува културно живеење кое, заради непостоење на соодветни културни установи, го немаат во текот на целата година. Оттука, многу повеќе би сакал да говориме за еден мал сублимат на културна презентација на определен број уметнички дела, отколку за дисперзија на истите“, вели Вељановски.

Со сличен став е Дејан Пројковски, уметнички директор на Македонскиот Народен Театар и професор по режија на Универзитетот ЕСРА: „Не треба да заборавиме дека културните институции се финансирани од истите тие граѓани, а од друга страна ја избегнуваме и онака со децении напластената централизација во земјава. Овие манифестации им овозможуваат на помалите места да проследат културни проекти, кои општините многу тешко би успеале самите да ги организираат.“

Треба да се зголеми бројот на културните настани

Интересот на локалните самоуправи во учеството на конкурсите за добивање на

Ausstellung im Jugendkulturzentrum Youth Cultural Center in Bitola Mazedonien

Нема добро и лошо време за култура

организација на некоја од манифестациите, Вељановски го оценува како позитивен ефект. Според него, луѓето од овие средини чувствуваат потреба за квалитетно културно живеење:

„Не мислам дека гостување на две или три театарски претстави, неколку концерти и изложби во текот на една година, можат во целост да ги задоволат културните потреби во овие места. Особено не, ако тие се случуваат еднаш во деценијата. Но, позитивни ефекти секако дека има. Мислам дека треба да се размислува и да се говори за квантитативно зголемување на вакви случувања, со што би се зголемиле и позитивните ефекти.“

Не постои лошо време за култура

Од искуството при гостувањата, кое Роберт Вељановски го има како актер на Драмскиот театар од Скопје, интересот за претставите е голем и салите секогаш се полни. Во услови кога македонскиот граѓанин се соочува со низа економски и социјални проблеми, тој смета дека влијанието на културата можеби придонесува соочувањето со секојдневните проблеми да биде полесно: 

Kultur in den mazedonischen Dörfern

Културните манифестации се добро посетени

„Јас повеќе сакам да верувам дека потребата од култура, од културно живеење, е подготовка за полесно соочување со секојдневните проблеми. Впрочем, самиот збор култура значи одгледување, негување. Во оваа смисла, верувам дека со негувањето на сопствениот дух, човекот се подготвува за справување со проблемите со кои се судира во секој сегмент од сопственото живеење.“

Дејан Пројковски за Дојче веле коментира дека не постои добро и лошо време за култура. Вели, културата е најголемиот промотор и амбасадор на една земја и чувар на јазикот, традицијата и идентитетот: „Најстрашно за еден народ е ако дозволи духовно да осиромаши. Ако го земеме предвид мислењето дека на секоја материјална криза и‘ претходи духовна криза, тогаш за нас нема да има дилеми колку и дали воопшто  треба да и‘ се посветиме на културата и уметноста“, заклучува Пројковски.