1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Културата обединува

Штом стане збор за културните настани во Германија, 2010 може да се оцени како посебна година. Љубителите и почитувачите на културата беа сведоци на мноштво возбудливи настани како потврда дека културата обединува.

default

Градот Есен, односно Рурската област, заедно со Истанбул и унгарскиот град Печ беа прогласени за Европски градови на културата. Фриц Плајтген, директор на Рур 2010, извлече позитивен биланс од годината на „Европскиот град на културата“:

„Годинава што изминува покажа дека во Рурската област може многу да се постигне со културата; ова навистина беше посебна година за Рурската метропола. Најголем успех е добриот одзив на граѓаните. Луѓето од областите на Рајна, Рур, Липе и Емшер лесно го прифатија настанот и му дадоа свој белег, покажувајќи голем интерес за културата. Пред само една година не можевме да сметаме на такво нешто.“

Настанот привлече повеќе од 10 милиони посетители. Во текот на целата година се организираа околу 5500 настани со разнолична содржина: театар, музика, уметнички изложби и многу повеќе. Меѓу нив популарна беше серијата од околу двесте музички приредби посветени на Ханс Вернер Хенце, еден од најзначајните композитори на денешницата.

Kulturhauptstadt A40 Flash-Galerie

Рурската област: Европски град на културата и најдолгата маса на светот на автопатот А40

Особено интересен беше проектот „Живот со стил“ со кој организаторите ги пречекорија класичните области на уметноста и ги поврзаа луѓето на еден од најголемите улични фестивали на светот. За таа цел, автопатот А 40, главна сообраќајна артерија на Рурската област, беше затворен за сообраќај меѓу Дуизбург и Дортмунд во должина од 60 километри. Три милиони луѓе, од кои една третина велосипедисти, дојдоа на прославата на асфалтот. Пријавените посетители мораа да ја уредат резервираната маса според одредено мото, како на пример: кабаре, турски танц или едноставно „кафе-муабет“. Култура на секојдневието во сите форми. Концептот се покажа успешен.

„Навистина е убаво. Да бидам искрена, не очекував да биде вака; мислев дека ќе дојдат малку луѓе, но навистина сум изненадена. Расположението е добро, луѓето отворени и дружељубиви. Не ми се верува само колку многу велосипедисти има. Ако се одржи повторно вакво нешто, сигурно ќе присуствувам“, вели една посетителка.

Водилка беше идејата дека културата треба да обединува и интегрира, без разлика на возраста, религијата, нацијата итн. Принципот на мулти-култи беше застапен во повеќекратна смисла. Вториот директор на Рур 2010, Оливер Шојт со право потенцира дека култура е како луѓето живеат и работат; културата не е само уметност.

Трагичен крај на најголемата техно журка

По големата прослава на автопатот во Рурската област следуваше настан кого го посетија повеќе од еден милион луѓе: Парадата на љубовта. Сепак, наголемата техно журка на светот имаше трагичен крај. Локацијата кадешто се одржуваше настанот се наоѓа меѓу автопат и железничка пруга, а до неа можеше да се дојде единствено преку еден тунел долг 200 метри. Излезот широк 20 метри беше претесен за посетителите, тие беа приморани да се туркаат. Масовната паника која изби меѓу луѓето имаше кобна завршница: 21 лице загина, а околу 500 беа повредени.

Jahresrückblick Flash-Galerie Deutschland 2010 Juli Loveparade

Најголемата техно журка во светот годинава имаше трагична завршница: Парадата на љубовта

На градоначалникот на Дуизбург му се префрлуваше за недоволните безбедносни мерки, а беше побарано и да се повлече од функцијата. Сред жалоста за загинатите изби жестока расправа за одговорноста за случајот која не сакаше да ја преземе ниту градоначалникот, ниту организаторот, ниту, пак, полицијата. Од друга страна, мошне јасно и брзо падна одлуката дека Парадата на љубовта никогаш повеќе нема да се одржува:

„Парадата на љубовта беше мирољубива журка која засекогаш останува во сенка по вчерашната несреќа. Во знак на почит кон загинатите, нивните семејства и пријатели, повеќе нема да го организираме настанот. Ова е крај за Парадата на љубовта“, објави организаторот на настанот Рајнер Шалер.