1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кукан: Македонија одамна требаше да почне преговори за влез во ЕУ

Европратеникот Едуард Кукан изјави дека Македонија одамна требаше да го почне процесот на преговори за влез во ЕУ и се надева дека Извештајот за напредокот на земјата годинава ќе ја содржи истата препорака.

default

„Мислам дека тоа требаше да се случи одамна, но не е фер Комисијата четири последователни години да дава препораки кои се целосно поддржани од Европскиот парламент. Ние ќе ја усвоиме истата резолуција оваа година. Во Советот, кој ги донесува финалните одлуки, за жал, не не‘ слушаат нас. Тие секогаш одлуката ја одлагаат за шест месеци. Јас искрено се надевам дека Извештајот оваа година ќе ја содржи истата препорака, а Парламентот секогаш го поддржува процесот на проширување и се надевам дека оваа година ќе остане на истиот став“, изјави Кукан.

Тој смета дека Европската комисија објективно ќе ја оцени ситуацијата во Македонија, но го оценува како навистина извонредно тоа што Владата успеала да ја одржи поддршката на јавноста за членство во Унијата, имајќи предвид дека земјата повеќе години е кандидат за влез во ЕУ.

„Многу е значајно што Владата на Република Македонија успеа да ја одржи јавната поддршка за влез во Европската унија. Македонија повеќе години е земја кандидат и да ја одржиш надежта на народот, на јавноста дека европскиот филтер е добар за земјата е навистина извонредно и треба да биде поздравено“, рече Кукан.

Европратеникот беше еден од говорниците на парламентарниот семинар што вчера и денеска се одржа во македонското Собрание.