1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кузман осомничен за злоупотреба на службената положба

Куќен притвор во траење од 30 дена му е одреден на директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман. Кузман се сомничи дека нелегално издавал дозволи и го оштетил МВР за 1,2 милиони денари.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), Паско Кузман се товари дека ја злоупотребил служената положба и овластувања. Полицијата го сомничи Кузман дека заедно со уште тројца вработени во Управата во 2011. година незаконски издавале дозволи за ископување и повикувале полициска асистенција да ги обезбедува археолошките локалитети и не плаќале, со што го оштетиле буџетот на МВР.

Покрај Кузман, во пријавата за помагање опфатени се и Илче Бојчески, инспектор во УЗКН кој се наоѓа веќе во притвор, поради претходна кривична пријава за случајот „Фаланга 2“, инспекторот Звонимир Николовски исто така од УЗКН и Марија Пуљаз, која е советник во Управата.

„Со пречекорување на овластувањата и постапувајќи надвор од нивната законска надлежност преку издавање на противзаконска документација преку која барале дополнително и полициска асистенција со издавање на платни налози преку други патни трошоци, го оштетиле буџетот на Македонија по основ на дадената полициска асистенција МВР е оштетено во износ преку 1,2 милиони денари, додека по основ на издадени платни налози и други платни трошоци, висината на штетата дополнително ќе се утврдува“, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Според МВР, Илче Бојчевски, кој веќе беше осуден во „Фаланга 1“, го поттикнал Кузман да ги издаде спорните решенија за ископување кај Драмски рид, Делчево и на патот Велешко езеро – Катланово.

Во полициската акција „Фаланга 2" во мај беше разбиена криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство. Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија, како и полициски службеник од Велес.