1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Куба: Кој може да си дозволи, ја користи слободата на патување

Веќе една година Кубанците смеат речиси без ограничувања да патуваат во странство - голем чекор на патот кон поголеми права. Сепак и натаму постојат објективни пречки за патување во странство.

Повеќе од четири децении слободата на патување на жителите на Куба беше многу ограничена. За да можат да отпатуваат во странство на Кубанците не им беше потребна само гаранција, односно писмен повик од некоја држава, туку и дозвола за излегување од земјата од страна на кубанските власти. Притоа, најчесто решавачко беше прашањето за тоа во колкава мерка некој ги следи политичките насоки на властите или пак им се спротивставува. Но откако пред една година претседателот на Куба, Раул Кастро, ја воведе реформата за миграцијата на населението, многу нешта се променија. Според новиот закон, имено, секој граѓанин на Куба кој поседува важечки пасош смее да излезе и повторно да се врати во земјата без долготрајни бирократски процедури.

Оваа реформа заживеа и во односите меѓу Куба и САД. Заживување на дијалогот, би можело да се каже, веќе одамна е многу неопходно. Политичкиот судир на овие земји влијаеше и за масовно заминување на Кубанците од сопствената земја (повеќе од четири милиони, од кои половина заминаа во САД). Покрај катастрофалната политичка и економска ситуација на Куба, причина за масовното бегство од оваа островска држава беше и американската политика на „суви и мокри стапала“. Американците, имено, на секој Кубанец кој ќе стигнеше на американското копно му даваа азил, но оние кои ќе беа фатени на вода, односно на море, не можеа да добијат азил.

Освен тоа, секој Кубанец кој успеал да остане во САД една година, можеше да добие и постојана дозвола за престој. „Сѐ додека постојат вакви правила, нема да можеме да го спречиме нелегалното заминување од земјата, како ни криумчарењето луѓе“, можеше со години да се слушне од Хавана.

Но, сега, како што изгледа, времињата полека се менуваат. Во моментов Вашингтон и Хавана разговараат за најитните проблеми, односно економските и социјалните промени, кои на карипскиот остров се случуваат многу бавно, поради што многу млади луѓе и натаму масовно ја напуштаат Куба.

На сиромашните им е прескапо

Бројките на кубанското одделение за доселување и отселување даваат јасна слика: во 2013 година 185 илјади Кубанци ја напуштиле земјата. Тоа е трикратно повеќе отколку во 2012. година. Најголем дел од нив заминал во САД, Шпанија, Панама, Мексико и во Еквадор, но некои заминале и во Франција, Италија и во Германија. Според официјалните податоци, повеќе од половина од нив до 30. ноември минатата година сѐ уште се немаа вратено во татковината.

Меѓутоа и покрај тоа, за разлика од порано, тие сега не се запишани како иселеници. Новиот закон на Кубанците им дозволува престој во странство до две години, без притоа да ги загубат своите права во татковината. Дека ситуацијата во Куба наголемо се менува, се забележува и во спротивните појави. Повеќе од 3000 Кубанци кои определено или подолго време живееле надвор од земјата доставиле барања за дозвола за враќање, односно повторно доселување во земјата.

Но, и покрај новиот закон и реформите, Кубанците сепак не можат туку-така, без какви било проблеми да отпатуваат во странство. Парите потребни за пасош и за сите останати документи, како и за авионски карти, жителите на Куба, во која просечната плата е 15 евра, не можат лесно да ги соберат. А доколку и успеат да заработат доволно пари се поставува прашањето каде воопшто можат да отпатуваат. Повеќето земји имено имаат многу остар визен режим кон Куба. Само во 34 земји (главно сиромашни држави во Африка и во Азија) Кубанците можат да влезат без виза.

Младите профитираат најмногу

Меѓународната јавност го пофали режимот во Хавана поради воведувањето на реформите, со оглед дека тие имаат влијание и врз почитувањето на човековите права. Оваа нова слобода на движење им овозможи и на многу противници на режимот да ја напуштат земјата и во странство да информираат за ситуацијата во Куба. Меѓу нив се дури и активистки од организацијата за човекови права „Жени во бело“, на кои владата во Хавана до неодамна им забрануваше напуштање на земјата. Познатиот кубански писател Леонардо Падура, во една од своите колумни напиша: „Посебно на младите Кубанци слободата на движење може да им влее надеж. Тие така можат или да останат во Куба или да заминат некаде на друго место, каде што сметаат дека би можеле да изградат иднина. Но, за генерацијата на нивните родители, дедовци и баби ситуацијата е потешка. Тие тешко дека ќе можат да си дозволат да патуваат и да искусат малку слобода.“