1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кубанските олдтајмери конечно можат да се пензионираат

Мала револуција во социјалистичка Куба - од денеска (3.01) граѓаните смеат да купуваат автомобили увезени од странство. Сликата на улиците во карипската држава ќе се промени значително.

По забраната која важеше со децении, Куба дозволи увоз на нови возила. Владата во Хавана соопшти дека секој Кубанец може слободно да купи ваков автомобил. Тоа досега им беше дозволено само на дипломатите, на странските фирми или на некои од државните службеници. Останатите мораа да се задоволат со автомобили произведени пред кубанската револуција во 1950. година или возила увезени од Советскиот сојуз во 1970-тите и 1980-тите.

Од денеска државните претпријатија ќе увезуваат атомобили и ќе им ги продаваат со 20 процентен данок на фирми, кои ќе ги препродаваат со повисока цена за осум проценти и десет отсто специјален данок. Сето тоа ќе ја зголеми крајната цена на увезените автомобили за околу 40 проценти.

Куба нема автомобилска индустрија. Досега, на пример, цената на „Москвич 2140“ во добра состојба, советски модел чие производство запре во 1988. година, достигнуваше девет илјади долари. Од друга страна, просечната месечна плата во земјата изнесува околу 20 долари.