1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Германија - мојата приказна

Кружна миграција на домашните помошнички

Многу германски семејства со роднини на кои им е потребна нега ја знаат и ја ценат помошта од источна Европа. Често, негувателките го менуваат местото на престој на секои 3 месеци.

Многу вредни, исклучително издржливи и доверливи, со добри познавања на јазикот, пријателски расположени и подготвени да помогнат, на располагање во секој момент и се разбира со добра цена: Овој опис одговара на околу 100.000 домашни помошнички од Источна Европа, кои работат во Германија.

Источноевропските негувателки помагаат при јадењето и облекувањето, перат, готват и чистат во домовите на старите и болните луѓе. Во меѓувреме тие смеат да даваат и ограничени негувателски услуги, како на пример да помагаат при одењето во тоалет. Давањето на медикаменти или лекувањето на рани за нив се и натаму забранети. Нивната активност не е секогаш легална, но сепак тие се составен дел од германскиот пензионерски и здравствен систем, зашто целодневна грижа од страна на германските негувателски служби чини до 10.000 евра месечно.

„Бидејќи во Германија има се’ повеќе луѓе на кои им е потребна нега, но не и професионални структури, кои би можеле да обезбедат итна помош по пристапни цени, во подем е сивиот пазар за домашни помошници од Средна и Источна Европа“, објаснува Михаел Исфорт од германскиот Институт за применето истражување на негувателството во Келн. Сивиот пазар цути и покрај тоа што во меѓувреме стана далеку полесно легално да се вработат помошници во домаќинството од овие делови на Европа.

Олеснувања од 2011-та година


Од 1. мај 2011. година на граѓаните од така наречените „8-ЕУ-земји“ (Полска, Унгарија,Чешка, Словачка, Естонија, Литванија, Латвија, Словенија) не им е потребна работна дозвола за вработување во Германија. Никаква улога не игра ни тоа дали работат како стручна или помошна работна сила, или пак дали се тие вработени во фирма, или работат самостојно. На граѓаните од Бугарија и од Романија се’уште им е потребно одобрување за работа од страна на Сојузната агенција за вработување, со оглед дека за нив регулативата за слободно движење на работна сила во Германија ќе важи дури од 31.12. 2013. година. На домашните помошници од Хрватска им е дозволено да работат во германски семејства, само доколку имаат соодветна професионална квалификација и ако за таа позиција нема соодветни кандидати од земјите членки на ЕУ. Домашните помошници од Македонија, Србија, Босна, Албанија, како и други земји надвор од ЕУ, се’ уште не смеат да работат во Германија.

Работа во едно германско семејство, како оди тоа?

Има различни начини за легално вработување на домашни помошници од Источна Европа во Германија. Најчест случај е кога геманското семејство е само по себе работодавач, но тоа е поврзано со определени бирократски процедури. Неопходно е пријавување во Службата за пријавување за жителство, исто така и кориснички број од Сојузната агенција за вработување, платежна даночна карта од Даночна служба, како и здравствено осигурување и осигурување во случај на несреќа за домашниот помошник. Кој сето ова ќе го направи, во правна смисла е на сигурната страна, вели Беате Рабе од Сојузната агенција за вработување и додава: „Ние ги советуваме и работодавачите и кандидатите во детали, бидејќи сакаме да се обезбедат фер услови за вработување“.

Овие домашни помошници за својата работа во Германија добиваат помеѓу 1.500 и 1.900 евра бруто месечен приход. Работните часови се ограничени на 38,5 часа неделно, а исто така имаат и право на одмор. Предуслов за оваа работа е секако познавање на германскиот јазик.

Странските работодавачи смеат да испраќаат домашни помошници

Кој сака неговата стара баба дома да биде згрижена, без да стане самиот работодавач, може да користи посредништво од приватни агенции. Тоа е вториот легален начин за вработување на помошници од Источна Европа. Агенциите од Германија работат со странските Агенции за привремени вработувања, кај кои жените се вработени и осигурани. Во повеќето случаи се менуваат две жени како негувателки, така што Источноевропејките го менуваат местото на престој на секои три месеци патувајќи меѓу Германија и татковината.

Германските семејства на кои им е потребна негувателска помош конечо можат да ангажираат хонорарни негувателки од 8-те ЕУ земји, од Централна и Источна Европа. Но, треба да се докаже, дека се тие осигурани во својата земја. Потоа ништо не стои на патот до приватен договор. Со оглед што семејството не е работодавач, не мора да плаќа според тарифа, а тоа значи дека помошниците можат да очекуваат многу ниски плати.

Без сомнение, Источноевропејките ја пополнуваат дупката во германскиот пазар на трудот. Но, напуштањето на татковината води кон други проблеми: таму тогаш постои недостиг на негуватели, често пати преку овој вид на кружни миграции, семејствата се разделени. „Каритас“ обрнува внимание на другата страна на медалот и предупредува на катастрофални социјални последици за Источна Европа. Се' додека Германија не најде сопствено решение за пазарот за негувателска помош, источноевропските домашни помошнички ќе продолжат и натаму континуирано да работат.