1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Критика и противаргументи за нерегистрирање на ПОА

Во ПОА ја критикуваат судската одлука со која е одбиена нејзината регистарција под името „Грко православна охридска архиепископија на пеќката патријаршија“.

default

Судот во Македонија е под политички притисок, а во земјата се кршат основните човекови права за слобода на вероисповед. Ова е реакцијата на oтец Давид од непризнатата Православна охридска архиепископија на последната судска одлука со која е одбиено барањето за регистрација на црквата на Јован Вранишковски под името „Грко православна охридска архиепископија на пеќката патријаршија“.

Отец Давид најавува нова тужба

Македонија седум години ја третира нашата црква недолично за демоктратија од 21 век, критикува свештеникот на ПОА и најавува уште една тужба против Македонија пред судот во Стразбур. „Врз судот постои политички притисок. Јас верувам дека и според стариот закон нашата верска заедница требаше да биде регистрирана. Поради тоа сега се води спор за тој случај пред судот во Стразбур. Ако Апелациониот суд не одговори позитивно на жалбата што ја поднесовме верувам дека и овој предмет ќе го приклучиме на веќе постоечкиот“, вели отец Давид.

Образложение за судската одлука

Објаснувањето на судот за одбивањето да ја регистрира црквата на Јован е дека во името содржи назив, кој е содржан во името на Македонската православна црква, а во истовреме содржи и имиња слични на имиња од други држави и цркви. Тоа не е дозволено со новиот закон за верски заедници и религизони групи, донесен по барање на меѓународната заедница поради оценките дека стариот закон не ги обезбедува основните верски права и слободи.

ПОА ужива доверба кај верниците, тврди отец Давид

Отец Давид не се согласува со впечатокот на црковните аналитичари според кои ПОА не ужива доверба кај верниците и тие ја доживуваат како црква на туѓа држава. „Јас Ве уверувам дека во недела на местата каде што се служи литургија во ПОА има многу повеќе луѓе отколку во МПЦ. Можам да Ви покажам еден куп полициски покани за граѓаните припадници на ПОА. Од страна на полицијата и денеска се врши невиден притисок врз тие луѓе за да не доаѓаат во ПОА“.

Поранешниот владика на МПЦ Јован Вранишковски во 2002 се одметна од редовите на Светиот Синод и под закрила на Српската црква ја основаше ПОА. Во Македонија одлежа затворска казна за финансиски малверзации. Осуден е за уште едно кривично дело, но е надвор од државата. Српската црква бараше од македонските власти амнестија за Јован и со него ги условуваше преговорите со МПЦ. Во последно време Вранишковски е помалку експониран, а двете цркви почнаа разговори за решавање на спорот. Аналитичарите во Македонија тоа го толкуваат како маргинализација на Вранишковски, откако и неговите покровители сфатиле дека обидот да се инсталира паралелна црква во Македонија, односно проектот ПОА е неуспешен.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска