1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Критика за „паметните граници“ на Еврокомисијата

Експертите сметаат дека новите концепти на ЕУ за безбедност на границите се несоодветни и непотребни. Студија на фондацијата Хајнрих Бел предупредува од скапи и неефикасни планови на Еврокомисијата.

Европската Комисија која во рамките на Европската Унија развива предлог-закони, во заштитата на надворешните граници на Унијата полга пред се’ на високата технологија. Во 2008. година таа започна неколку такви проекти. Меѓу нив и европскиот систем за контрола на границите ЕУРОСУР (European Border Surveillance System), кој следи три цели: справување со прекуграничниот криминал, намалување на бројот на нелегални доселеници во ЕУ и намалување на стапката на смртност меѓу бегалците кои со мали бродови се обидуваат преку Средоземното море да стигнат до Европа.

„За таа цел мораме сега да воведеме што е можно поефикасни системи“, изјави еврокомесарката за внатрешна политика Сесилија Малмстром при претставувањето на плановите.

Плановите меѓу другото предвидуваат постоечките дати на податоци на поединечните земји- членки да бидат меѓусебно поврзани и да се развијат нови комуникациски мрежи. Згора на тоа надзорот на надворешните граници треба да биде подобрен со помош на беспилотни летала и сателитски системи. „Создавањето на ЕУРОСУР би било одлучувачки чекор кон претстојното воспоставување на заеднички интегриран европски систем за управување со границите“, потенцира Еврокомисијата.

Проблематичен однос кон бегалците со бродови

Покрај ЕУРОСУР планирани се уште два други т.н „паметни гранични системи“. Првиот е познат под кратенката ЕЕС (Entry-Exit-System), кој треба да го контролира влезот и излезот на странски државјани од ЕУ. Вториот е РТП (Registered Traveller Programme), кој треба да гарантира забрзано влегување на лица од трети земји во ЕУ, на кои претходно им била извршена проверка на податоците. Севкупно Еврокомисијата со т.н паметни гранични системи ветува подобрување на безбедноста во рамките на ЕУ преку подобрите контроли на влегувањето и излегувањето од Унијата.

Германската фондација Хајнрих Бел нарача студија за плановите на Европската комисија, која сега е објавена под насловот „Borderline" Еден од авторите е Бен Хејс од британската организација за граѓански права „Statewatch". Тој во неговата анализа упатува на повеќе слаби точки на концептот на „паметни граници“

Изјавата на Еврокомисијата дека со ЕУРОСУР сака и да спасува животи на бегалците со мали бродови во Средоземното море, Хејс го оценува како прикривање на вистинските напери: „ Во плановите никаде не се наведува како бегалците би требало да бидат спасени или што потоа би требало да се случува со нив. Наместо тоа се развиваат т.н 'push-back операции’, цо кои сите бегалци треба да бидат држени подалеку од границите на Европа“, вели Хејс. Ваквите постапки го прекршува како меѓународното поморско право така и правните одредби за азил на ЕУ.

Неопходноста и ефикасноста нејасни

Со воведувањето на системите на паметни граници со биометриски контроли, според Еврокомисијата би требало да им се влезе во трагата пред се’ на оние луѓе кои влегуваат легално во ЕУ, со виза, но потоа по нејзиното истекување нелегално остануваат и натаму. Авторите на студијата се сомневаат дали ползата од ваквиот проект ги оправдува огромните трошоци. Имено секоја година околу 100 милиони луѓе од трети земји ги минуваат границите на ЕУ. Ако намерата е секој поединец да биде опфатен со новите мерки би настанала база на податоци со непоимливи размери- кошмар за секој активист за заштита на податоците.

Во техничка смисла плановите за ЕУРОСУР се ектремно комплексни и амбициозни: „ Плановите се ЕУРОСУР да биде во состојба да го открие секој дури и најмал брод во Средоземното море и Северниот Атлантик, кој се движи кон Европа“, вели Хејс. Кон тоа треба да бидат етаблирани нови високо технолошки контролни системи како беспилотни летала и сателитски системи за пребарување-без за тоа од независни експерти да се побара техничка или пак финансиска студија за оддржливоста на проектот. „Единствени, кои биле прашани, дали тоа технички може да функционира, се фирмите кои продаваат такви безбедносни технологии“, критикува авторот.