1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Критика за инцидентите во предизборната кампања

Изборната кампања исполнета со инциденти, негативно се оценува од страна на експертите. Незадоволни се и граѓаните, а партиите си ја префрлуваат одговорноста.

default

Тетово

Политичките партии продолжуваат со предизборната кампања исполнета со инциденти и политичка нетолеранција, што наидува на негативни критички одгласи и меѓу експертската јавност и меѓу населението.

Состојбата е особено загрижувачка во албанскиот политички табор, каде што досега десеттина изборни штабови на ДУИ во тетовско – гостиварскиот регион беа цел на стрелба со калашникови, пиштоли, па дури и со рачни топови. Главните протагонисти на насилствата ДУИ и ДПА не престануваат со ривалствата и вербално секој го осудува насилството.

Меѓусебни обвинувања

Али Ахмети на митингот вчеравечер во Тетово рече „Овие избори се референдум: Албанците треба да одлучат на 1. јуни да му речат „не“ на насилството. Ние немаме куршуми за Албанците. ДПА е одоговорна за овие инциденти.“

Џелил Бајрами, член на раководството на ДПА, ги отфрла обвинувањата: - „Али Ахмети им се заканува на Албанците во координација со СДСМ и Бранко Црвенковски. ДПА апелира уште еднаш до сите Албанци да не се провоцираат од страна на ДУИ.“

МВР: Институциите на системот работат со целосен капацитет за спречување на инцидентите

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска посочува дека авторите на еден инцидент се веќе пред санкции „Нема да се толерира насилство и институциите имаат инструменти, кои ги ставаат целосно во функција.“

Јован Ананиев, доцент на Штипскиот универзитет и експерт за изборна кампања со коментар „Демократијата подразбира минимум некое човечко однесување. Станува збор за губење рејтинг на одредени политички структури, односно партии, кои стимулираат, или иницираат вакви активности.“

Мислење на граѓаните

Дојче Веле ги регистрираше и искажувањата на жителите на Тетово, во еден случаен и слободен избор, со опфат на сите етникуми: - „Не си спокоен, се плашиш, некој куршум ќе заталка. Синоќа поминаа, имаше пукање. А гласањето мора да биде на ниво. Се тоа што го кажуваат за народот е лага. Сите ветуваат, кога ќе дојдат на власт, било која партија: ќе ве вработиме, но потоа нема ништо од тоа“ - „Немаме време да ги гледаме!“ - „Не се плашам и никогаш нема да гласам!“ -

Незаинтересираност за гласање и поради

нереализираните ветувања на партиите

Во оваа мини – сондажа на јавното мислење се потврдува дека колку пожестоко атакуваат партиите едни врз други, колку повеќе се заканува тоа да ја оддалечи Македонија од европскиот праг, толку повеќе ги одалечува веќе отсега и граѓаните од бирачките кутии „Ред треба да има.“ - „Не би излегле, зашто мислат да го нема народот, нема работа, нема ништо, ете, затоа.“ - „Не ме плаши, нема потреба да ме плаши“ - „Секој се гледа себе си. Кој доаѓа, никој не прави како што треба, затоа не ме интересира.“ - Не, за гласање, ништо од тоа, што ќе гласаш? Па, гледаш како се караат, тепање?!“ - „Не ме интересира воопшто.“; - „Пукањето и нередите не е убаво и нема да не однесат во Европа.“

Се разбира, ова е само делумно јавно мислење, се однесува само на овој миг, но е многу значаен, иако не репрезентативен индикатор, дека сегашното однесување на партиите може да им се врати ним ако бумеранг – ефект во негативна смисла.